Српската премиерка Ана Брнабиќ на Вториот саем „Винска визија на Отворен Балкан“  ги додели трофејните награди за најдобри вина на саемот, меѓу кои се и наградите за македонските винарии „Камник“ и „Тиквеш“, членки на Македонско-руската стопанска комора.

Меѓу наградените во повеќе категории, а по одлука на меѓународно стручно жири кое оценуваше над 800 примероци вина, во категоријата национален трофеј на Отворен Балкан, за најдобро вино од Северна Македонија беше прогласено виното „каберне совињон 2022“ од винаријата „Шато Камник“.

Во категоријата за најдобро вино од автохтона сорта како најдобро беше прогласено виното „жилавка бела вода 2022“ од винаријата „Тиквеш“.

„Ова е втор пат да ја споделуваме визијата за Отворен Балкан, а ако е вистина дека има вистина во виното, ова е показател дека можеме да ја споделиме истата визија и да се движиме во иднината“, рече Брнабиќ на доделувањето на наградите и се заблагадари на целиот тим што работеше на организацијата, како и на гостите од Албанија, Македонија и на сите винарии.

Саемот „Винска визија“ на Отворен Балкан што се одржува под покровителство на владите на Србија, Македонија и Албанија, собра околу 600 изложувачи од 24 земји од светот. Половина од изложувачите беа од земјите на Отворен Балкан, од кои 260 од Србија, 74 од Северна Македонија и 21 од Албанија.

Саемот го отворија српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, премиерот Димитар Ковачевски, а премиерот на Албанија, Еди Рама се обрати преку видео врска.

Саемот за вино важи за четврти по големина во Европа.