За половина година македонските компании вредносно истргуваа стока со руските компании во износ од 233,78 милиони САД долари.Тоа е бројка што е повисока дури за 275,1 отсто во споредба со истиот период лани, кога обемот на размената меѓу двете земји изнесуваше 84,97 милиони САД долари.
Неповолната вест е што за шест месеци опаѓа македонскиот извоз, а драстично пораснал увозот.Македонските компании до крајот на јуни извезле стока за 27,82 милиони САД долари (лани во истот период нешто повеќе од 2,5 милиони САД долари од годинашниов или 29,53 милиони САД долари). Тоа е намалување на македонскиот извоз за 5,8 отсто.
Истовремено, увозот од Русија вредносно се зголемил за 371,5 отсто.Македонските компании од оваа земја увезле стока за 205,95 милиони САД долари (лани 55,44 милиони САД долари).
Ваквата несразмена размена влијае на огромно зголемување на македонскиот трговски дефицит во трговијата со Русија кој ја достигна сумата од 178,12 милиони САД долара.
Русија во првава половина од годинава е единаесети трговски партнер на Република Северна Македонија.
Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, земјава остварила обем на трговска размена со светот во висина од 11 милијарди САД долари. Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во перидот јануари-јуни 2022 година, изнесува 4,47 милијарди САД долари и бележи пораст од 9 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6,52 милијарди САД долари што е за 16,7% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Вкупниот трговски дефицит, во перидот јануари-јуни 2022 година, изнесува 2,05 милијарди САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари-јуни 2022, изнесува 68.6%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и деловите на седишта од подгрупата 821.1. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, електричната енергија и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.
Во периодот јануари-јуни 2022 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.