По период од 37 години активна работа, рудникот за бакар „Бучим“ во близината на Радовиш, членка на Македонска-руската стопанска комора, ги испраќа во историјата Централното рудно тело и рудното тело „Вршник“, а во активна позиција ги остава рудното тело „Бунарџик“ и „Чукар-2“. Сето ова е предвидено со планот за работа за наредната година, чија изработка е во завршна фаза. Заменик-генералниот директорот на овој рудник, Николајчо Николов истакна дека за стабилна и подолговечна иднина на овој стопански капацитет во план е активна работа на истражувањата на третото, најново и најмладо рудно тело „Боров дол“.
– На рудното тело „Чукар-2“ извршивме доистражувања, што ни овозможи да утврдиме постоење на рудни резерви од 12 милиони тони, што со сегашното производство гарантира работа за наредните три години. Заедно со можностите што ги нудат утврдените резерви на рудното тело „Бунарџик“, ние во моментов можеме да кажеме дека имаме можност за непречена работа до 2023 година – вели Николов.
За „Нова Македонија“, тој нагласува дека, сепак, кога е во прашање иднината на единствениот рудник за бакар и злато во државата, таа нема да заврши со крајот на 2023 година. Имено, на подрачјето на општините Конче и Штип, во близината на „Бучим“, се наоѓа локацијата Боров Дол, а на оваа локација првичните истражувања покажаа постоење на интересни количества рудни резерви на бакар.
Николов појаснува дека периодот во наредните седум години ќе биде искористен за да бидат извршени неопходните квалитетни подготовки за експлоатација и на ова рудно тело.
– Она што е неопходно да се каже секако е фактот дека содржината на бакар во овој локалитет е ниска, па ако цената на бакарот остане на сегашното ниво, финансиските резултати ќе бидат негативни. Сепак ние сме сигурни дека ќе дојде до зголемување на цената на овој метал на светската берза, зашто светската економија, едноставно, не може без бакарот – посочува Николов.
И токму ниската цена на бакарот е она што во моментот најмногу го загрижува менаџерскиот тим, но и сите вработени во рудникот. Имено, во овој момент цената по тон бакар на светската берза изнесува 4.500 долари, што е за 50 отсто пониска цена од онаа што овој метал ја имаше во 2013 година.
– И покрај толку ниската цена на бакарот, „Бучим“ во изминатите осум месеци оствари добивка од шест милиони евра. И овој резултат е плод на натфрленото производство, кое секој месец беше извршувано со 105 проценти, а во исто време и на строгата контрола на сите трошоци. Нашите рудари, нашиот стручен тим, нашиот менаџмент знаеја дека тука треба да ја бараме нашата шанса и, покрај сѐ, да имаме добри финансиски остварувања – укажува Николов.
Како што истакна тој, ги оптимизирале трошоците во сите сегменти каде што беше можно тоа и почнале со работа.
– Без една таква симбиоза ние немаше да го оствариме поволниот финансиски резултат. Тоа ни овозможи платите на вработените да не бидат загрозени и да си останат во просекот од 450 евра – истакна Николов.