Во услови на светска пандемија  минатогодишната размена на Република Северна Македонија со Руската Федерација е една од светлите точки во трговијата на земјава на странските пазари. Македонските компании на рускиот пазар пласираа стока во вредност од 60,3 милиони САД долари, што е за над 8 милиони САД долари повеќе отколку во 2019 година.Со ваквиот резултат остварен е пораст од 15,8 отсто и тоа кога македонскиот извоз на светските пазари лани бележи значајно послаби резултати отколу една година пред тоа. Од рускиот пазар лани биле набавени производи во висина од 147,3 милиони САД долари (142,3 милиони САД долари преклани) што е пораст од 3,7 отсто.

За одбележување е фактот дека вкупната трговија на македонските и руските компании во 2020 година ја достигна вредноста од 207,75 милиони САД долари (преклани 194,5 милиони САД долари),  што е раст од 6,8 отсто во однос на претходната 2019 година.

Во 2020 година земјава осварила трговски дефицит во размената со Руската Федерација во износ од 86,9 милиони САД долари.

Според вредноста на размената на стоки,  Русија лани била 18 земја – трговски партнер на земјава.

Инаку, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, земјава лани остварила обем на стокова размена со светот во износ од нешто над 15,3 милијарди САД долари. Македонскиот извоз на стоки во ланските дванаесет месеци  изнесувал 6,6  милијарди САД долари и бележи пад од 7.7 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесувала 8,7 милијарди САД долари, што е исто така за 7.7 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во перидот јануари ‒ декември 2020 година, изнесува малку над  2 милијарди САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари ‒ декември 2020, изнесува 76.1 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав. 

Во периодот јануари ‒ декември 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција.