Најголемата македонска шпедиција „Фершпед“ во првите девет месеци годинава оствари профит од 52,3 милиони денари (над 850.000 евра) и во споредба со лани ја зголеми добивката за три пати. Компанијата тоа го оствари со речиси идентични приходи од продажба како и лани. Компанијата е на добар пат да ја заврши оваа година со добивка што надминува милион евра.
Од јули до септември годинава „Фершпед“го имал најгобриот период годинава затоа што кварталниот профит е 19 милиони денари, што е за 19 отсто подобро од просечниот квартален профит за периодот до 30 јуни кој изнесува околу 16 милиони денари.
Добивката на компанијата е зголемена благодарејќи на намалувањето на расходите за услуги со карактер на материјални трошоци. За првите девет месеци оваа ставка е 1,49 милијарди денари и е за 14 отсто пониска односно за 239,7 милиони денари во споредба со истиот период лани.
 Ова е остварено во услови кога приходите од продажба се на исто ниво како и лани. Но ова намалување на расходите кај оваа ставка е компензирано со зголемувањето на трошокот кај ставката набавна вредност на трговски стоки каде што износот е 346,7 милиони денари и е за 200 милиони денари повисок од истиот во истиот период лани. Агрегатот на расходната страна на „Фершпед“ за првите девет месеци е речиси на исто ниво како и лани и трошокот изнесува 2,13 милијарди денари.
Наспроти расходите, од продажба компанијата остварила 2,139 милијарди денари и тоа е на исто ниво како и лани. Од домашниот пазар приходите од продажба се 2,06 милијарди денари и бележат раст за еден отсто во споредба со истиот период лани.
Клучна работа за „Фершпед“ се останатите оперативни приходи. Тие годинава изнесуваат 47,6 милиони денари за првите девет месеци годинава. Во споредба со истиот период лани се повисоки за 46 милиони денари.
Дополнително придонес за растот на профитот на „Фершпед“ лежи во намалените расходи за камати во однос на лани. За првите девет месеци тие се 25,2 милиони денари и се за 20 отсто пониски од истиот период лани. Тоа е заштеда од нешто повеќе од 100.000 евра колку што во овој период лани „Фершпед“ платил за камати.Но, сепак, расходите за камати на „Фершпед“ бележат голем раст во третиот квартал годинава. Поточно за еден квартал тие се удвоени во однос на износот што за тој трошок компанијата го платила во првите шест месеци лани.