„Фершпед“ АД Скопје во првото полугодие од годинава остварил оперативна добивка во износ од 32,9 милиони денари (околу 535 илјади евра) искажана во неревидираниот Биланс на успех, се вели во образложението кое компанијата го доставила до Македонската берза. Остварената нето-добивка, пак, изнесува 33,29 милиони денари.
Во првото полугодие годинава компанијата остварила вкупни приходи од 1.398.597.000 денари, што е 7 отсто помалку во однос на истиот период лани. Оперативните приходи изнесуваат 1.385.879.000 денари и исто така бележат пад од 7 отсто во однос на истиот период 2015 година.
Најголемо учество во вкупните приходи имаат приходите од продажба, 96 отсто. Останатите оперативни приходи и финансиските приходи бележат раст во однос на истиот период минатата година.
Во првото полугодие годинава реализирани се вкупни расходи во износ од 1.365.307.000 денари, што е за 9 отсто помалку во однос на истиот период лани. Најголемо учество, со 67 отсто, во вкупните расходи имаат расходите за услуги со карактер на материјални трошоци. Финансиските расходи бележат пад во однос на истиот период минатата година.
Како што извести „Фершпед“, вкупните обврски на компанијата по кредити за првото полугодие годинава се 396.734.000 денари, што е за 39 отсто помалку во споредба со истиот период 2015 година и претставуваат 14 отсто од капиталот и резервите.
Реализацијата на планот за период јануари-јуни 2016 година е во рамките на планираните активности, се вели во образложението на финансиските резултати на компанијата, доставено до берзата.