Со цел надминување на проблемите настанати со временото ограничување на извоз на коскесто овошје во Руската Федерација, на 17.8.2018 година  се одржа состанок во амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија, на кој што присусуствуваа претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за земјоделство и  Константин Берсенев, заменик амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија.
На состанокот беше потенцирана заинтересираноста на двете засегнати страни за изнаоѓање на решение на настанатата ситуација. Претставниците на македонската страна ги истакнаа преземените мерки од страна на надлежните органи во изминатата недела, меѓу кои спаѓаат: контрола на примарните складови и откупните пунктови, како и спроведената засилена фитосанитарна инспекција во регионот на Кавадарци и Неготино, земање на сомнителни примероци, со цел идентификација на распространетоста на штетниот организам на територијата на Република Македонија. Фитосанитарната управа изготвува упатство за преземање на мерки за деконтаминација на магацините  и во насадите од коскесто овошје од страна на производителите и дистрибутерите на коскесто овошје, во случај да се утврди присуство на габата; ова е со цел да се заштитат растенијата и растителните производи од евентуално понатамошно ширење, како и соодветно управување со заразениот материјал.
На состанокот беше презентирано и изготвеното Упатство за управување со штетниот организам Monilinia fructicola, кое ќе биде споделено на фитосанитарните инспектори и земјоделските производители.
Исто така беше договорено дека во текот на септември 2018 година да се одржи состанок на техничко ниво меѓу претставници на надлежните органи од двете земји со цел да се разговора за актуелната состојба но и за другите прашања за кои двете земји имаат потпишано протокол, со цел во иднина да се превенираат вакви состојби.
Временото ограничување за извоз на коскесто овошје во Руската Федерација ќе се укине по изготвување на Извештај за спроведена истрага и преземени фитосанитарни мерки изготвен од Надлежните органи на Република Македонија и негово прифаќање од страна на надлежните органи на Руската Федерација.