Пред точно десет години, на 25 март 2005 година пред пошироката македонска јавност беше промовирана Македонска – руска стопанска комора, во рамки на третатта седница на Меѓувладината комисија за трговско економска и научно техничка соработка.
Само една година претходно, група од неколку ентузијасти сопственици на компании кои соработувале со Русија и кои имаа визија за соработка со компани од оваа земја, користејќи го моментот на коморски плурализам и растечки тренд на создавање на мешовити комори, ја создадовме Македонска – руска стопанска Комора.
Целта на нејзиното постоење ја видовме во обновување, продлабочување и проширување на економските односи помеѓу Република Македонија и Руската Федерација. Нашата поента беше и е тоа да се случува постојано и квалитетно во рамки на можностите на македонските компании за исполнување на барањата на огромниот руски пазар.
Мојот личен предизвик беше да ги достигнеме бројките од 1991 година кога вкупната размена изнесувала околу 1 милијарда долари, но со поеднаков баланс на двете страни.
Што постигнавме во овие изминати 14 години:
-Од неколку компании успеавме да создадеме респектабилна деловна асоцијација која денес брои преку 150 членки, меѓу кои и низа најзначајни деловни субјекти во земјава.
-Со ангажманот на членките, како и со значајна поддршка на државните органи, како и амбасадите на двете земји, прераснавме во бизнис институција која е незаобикола кога се во прашање меѓусебните економски односи на Република Северна Македонија и Руската Федерација.
-Таквата улога ја препозна и најголемата деловна асоцијација во оваа земја, Стопанска комора на Руската Федерација, со која имаме потпишано Меморандим за соработка.Таков меморандум нашата комора има потпишано и воспоставено блиска соработка и со десетина регионални комори од Руската Федерација.
-Организиравме бројни деловни средби меѓу македонските и руските компании, како во Москва, така и во руските региони.Воедно, бевме домаќини и на низа руски бизнис делегации кои ја посетија земјава.
-Претставници на Македонско-руската стопанска комора се редовно членки и партиципираат во работата на Меѓувладината комисина за научно-техничка и трговска економска соработка, и на тој начин активно учествуваме во креирање на деловниот амбијент за развивање на економнските односи меѓу двете земји.
-Македонските компании кои тргуваат со Руската Федерација, како и оние кои во своите деловни планови го фокусираат рускиот пазар, веќе цела деценија во организација на Македонско-руската стопанска комора, а со финансиска помош на државава, учествуваат на двете најзначајни саемски манифестации „Продекспо“ и „Мир питание“ во Москва, најзначајни бизмнис собири во Југоисточна Европа.
-Воспоставивме соработка и со значајни институции од Руската Федерација кои се незаобиколни при реализирањето на извозните зделки на македонските компании (руската Агенција за храна и ветеринарство, царински органи…)
-Подрживме низа културни настани и изданија кои се во функција на зацврстување на братските односи меѓу двата народа.
Ова се само дел од активностите на Комората во овие изминати 14 години.
Благодарение, пред се, на своите активни членки, но и на континуираната поддршка на релевантните институции во државата и, секако, на Амбасадата на Руската Федерација во Република Северна Македонија, успеавме полека, но сигурно да го пробиеме патот кој води кон создавање успешна клима за соработка со руските бизнис партнери.
Дозволете да изразам голема благодарност и до Амбасадата на Република Македонија во Руската Федерација. Соработката со амбасадорите и останатите вработени во Амбасадата во Москва беше на извонредно ниво, и тие вистински се трудеа да ни помогнат во реализирање на проектите кои ги имавме зацртано.
Ваквата активност, односно соработка, ќе продолжи и во иднина. Притоа, според информациите добиени од стопанствениците, а особено гледајки ја вкупната статистика, станува сосема јасно дека и во иднина мораме максимално да се потрудиме во намалувањето големиот финансиски дефицит во трговската размена со Русија, и тоа во услови на сложена економска состојба во светот. Но, токму тоа е нашиот мотив за посилен поттик на македонските извозници кон рускиот пазар, особено на оние кои се производители на земјоделски производи и пијалоци (овошје, зеленчук, тутун, вино), но и на низа други гранки кои трепеливо ја отвараат вратата и се доближуваат до потрошувачите во оваа земја.
Дозволете, на крајот да повторам дека основната причина на нашето делување е Македонска – руска стопанска комора да продолжи да се развива како ефикасен стопански мост и субјект во процесот на остварувањето нови бизнис релации со руските компании. Сметам дека сите ние, членови на оваа Комора, иднината на економскиот развој на нашата држава и стопанство за гледаме и преку соработка со партнерите од Руската Федерација.
Нека и се множат годините на Македонска – руска стопанска комора. Посакувам идната година, јубилејната 15 годишнина, да ја дочекаме со уште позначајни резултати во нашата меѓусебна економска соработка. (Излагање на Ѓорѓи Дика, претседател на Македонско-руската стопанска комора на свеченоста по повод 14 години од основањето)