Министерството за финансии на Република Македонија ги објави податоците за државниот и јавниот долг на земјата кои изнесуваат 41,9 отсто и 50,6 проценти од БДП за третиот квартал од 2016 година.
Како што велат од Министерството за финансии, зголемувањето на државниот и јавниот долг во однос на вториот квартал се должи на издавањето на еврообврзницата во јули 2016 година, која е наменета за покривање на буџетскиот дефицит во 2016 и 2017 година. Со еврообврзницата ќе се покријат повеќе обврски кои доспеваат во текот на оваа и наредната година, како отплата на 130 милиони евра која ќе се изврши во ноември по основ на доспеан кредит.
Дополнителниот заменик- министер за финансии, Кире Наумов, предупредува дека јавниот долг ги надминал критичните 50 проценти од БДП. Според него, за 9 месеци јавниот долг се зголемил за 532 милиона евра, или дневно за два милиона. Тој бара фискална консолидација и промени за расходите да се усогласат со можностите на македонската економија.
Но, согласно податоците на Еуростат, статистичката служба на ЕУ, Република Македонија со новата состојба на државниот долг останува меѓу најмалку задолжените земји во Европа, а државниот долг е двојно помал од просечниот долг на земјите членки на ЕУ кој изнесува 85 проценти од БДП.
Македонија е и меѓу најмалку задолжените земји во регионот, согласно европската статистика. Само Бугарија има понизок државен долг од Македонија со 29,4 отсто. Повеќе задолжени се Црна Гора со 61,8 отсто, Албанија со 69,8 отсто, Србија 71,9 отсто, Словенија 82,3 отсто, Хрватска 84,5 отсто и Грција 179,2 отсто.
Од друга страна, во македонските банки има речиси 5 милијарди евра, пари од граѓаните и од компаниите. Притоа, денарските депозити се околу 2,8 милијарди евра и од почетокот на годинава бележат пад од 1,4 проценти, додека девизните депозити се околу две милијарди евра и бележат раст од 4,5 проценти. Намалувањето на денарските депозити банкарите го објаснуваат со априлскиот тренд, кога голем дел од граѓаните ги повлекоа денарите, стравувајќи од девалвација, но потенцираат дека постепено денарското штедење пак се зголемува.