-Учеството на саемот „Мир Питание“ (World food) во Москва пред две години и членството во Трговско-изложбениот „Македонски дом“ беа клучни што денес врвните производи на „Кривогаштани промет“ под брендот „Гурмано“ се почесто се наоѓаат на трпезите на руските граѓани. Деликатесните производи подготвени  по оргинални рецепти, со почитување на стандардите за безбедност и квалитет (IFS Food) и кој со години се пласираат на пазарите во Австралија, САД и Европа, патуваат и кон исток. Во маркетите во Москва и во другите градови на Руската Федерација достапен е врвниот ајвар на прилепската компанија, а полека патот до рафтовите во трговските објекти во оваа земја го пробиваат и толчени пиперки, феферони, бабурчиња, пиперчиња со сирење… 
           
Оваа успешна приказна за пробивот „Кривогаштани промет“ на големиот пазар ја раскажаа Горан Цуцулески и Симе Станчески, ко-сопственици и менаџери на компанијата при посетата на Н.Е. Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Република Северна Македонија во придружба на м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора на погоните на реномираниот производител од македонската конзервна индустрија (26.6.2019 година).
-Нашата идеја кога почнавме со бизнисот беше да бидеме малку поразлични од сите останати преработувачи во Македонија. Едноставно, идејата беше да направиме деликатесни производи. Производи коишто се направени по домашни рецепти. На пример, имаме ајвар кој е произведен 100% од пиперка, како што го правеле нашите мајки и баби. Правиме и пиперчиња со сирење, а најголем адут ни е т. н. закуска – печена пиперка, сечкана и пржена во сопствен сос. Тоа ни е фактички најпродаваниот производ. Тоа е навистина деликатесен производ. Имаме феферонки, благи и лути, кои се специфични по тоа што целото производство е под наша контрола, во самиот регион. – им објаснуваше Симе Станчески на гостите додека ги запознаваше со целокупното производство кое се одвива по врвни стндарди.
Овој македонскиот производител е сместен буквално во селска средина во која природата има главен збор, а современата фабрика е  подигната на дел од објектот на  некогашниот пропаднат ЗИК „Прилеп“. Модерниот капацитет проработе од пред пет години  и им овозможи на сопствениците да го финализираат своето огромно искуство  во трговијата со пиперки и со нивна преработка.Компанијата постои 28 години, но последните пет години и  ја исцртаа иднината.Во овој момент се произведуваат печени деликатестни (ајвар, толчена пиперка, закуска), кисели традиционални (феферончиња, бабурчиња) и кремасти полнени производи (пиперчиња со сирење, фергеса). За производите на „Кривогаштани промет“, во кој „кралот“ е ајварот,  стои констатацијата – кој пробал друг производ не купува!
-Досега целото производство го пласиравме на странските пазари. Повеќе од третина го извезувавме во Австралија, голем дел во Шведска, Велика Британија и во САД. Немавме некои амбиции за освојување на Рускиот пазар, но самскиот настап и пројавениот интерес од тамошните увозници ни ги сменија плановите,- истакнува Горан Цуцулески,  – За производството на „Гурмано“ се користат суровини главно добиени од Пелагонискиот Регион. Достапноста на чиста вода, од Црна и од Крушевска Река во текот на целата година, овој регион го прават исклучително погоден за одгледување градинарски култури. Меѓу нив е и пиперката „куртовска капија“, чиј благ, месест и плоснат плод со големо количество на витамини, шеќери и протеини, е главна состојка на повеќе производи од палетата на „Гурмано“. Всушност, таков квалитет на „куртовската капија“ е можен само во прилепскиот регион.
  „Кривогаштани промет“ има седумдесет вработени, а во сезоната  на преработка, како што е во моментов, тој број се дуплира.Компанијата има годишен обрт од 3 милиони евра.
– Иднината је гледаме во производството, а трговијата која бо моментов е само петина од нашиот ангажман и натаму ќе ја намалуваме. Во иднина ја прошируваме палетата на нашите производи со лутеница, пинџур и зелен ајвар, –  додава Цуцулески.
Производите на „Кривогаштани промет“ се во класата на деликатеси, затоа што се правени по домашни рецепти и користени се висококвалитетни суровини, а за кое придонесува и изгледот, пакувањето и вкусот.Сето тоа го препознаа и руските потрошувачи, и македонската компанија со право очекува понатамошен значаен продор во трговските ланци во оваа земја.
Амбасадорот Сергеј Баздникин  престојот во Приле го искористи и за посета на прилепскиот Институт за тутун и на Музејот за тутун.Посетата на амбасадорот беше во рамките на манифестацијата „Отворено во  Музејот за тутун и Институтот за тутун во Прилеп“ и во рамките на одбележувањето на Денот на Руската Федерација, а во организација на Сојузот на Здруженија за руско-македонско пријателство од Македонија и на прилепското „Македонско-руско друштво“.Причината за посетата е што во Музејот за тутун се наоѓа збирка од 54 слики на руски автори, кои за првпат во оваа прилика беа презентирани во јавноста.
                                                                                    Саво Пејчиновски