Токму кога светската економија почна да излегува од повеќе од двегодишната здравствена криза и да ги залечува раните, сега се најде во виорот на руско – украинскиот спор, што е најлоша комбинација за економијата и стандардот на граѓаните. Македонија треба да се организира за да не се најдеме затечени од оваа светска криза, вели во интервју за МКД.мк извршниот директор на Македонско – руската комора, м-р Дејан Бешлиев. Тој вели дека голем број фирми бараат да не се воведат санкции на извоз на храна и нагласува дека ако санкции се воведат, ќе мора да се потпреме самите на себе.

Интервјуто на Бешлиев го пренесуваме во целост:

Господине Бешлиев, најнапред како ја оценувате најавата од македонската Влада за воведување на санкции кон Руската Федерација?

– Санкциите се прашање на државата и нејзината позиција во меѓународниот поредок. Но едно е сигурно – за бизнисот секое ограничување во меѓународната рамки и какви било бариери се погубни за неговото постоење. Наспроти тоа, токму растот на глобалната и регионалната трговија се детерминирани, пред сѐ, од трговската либерализација.

Еве го примерот на нашата земја. Во последните години трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација се движи околу бројката од 200 милиони САД долари. Минатата година таа застана на бројката од 233,5 милиони долари, што е раст од 12,4 отсто и е повисока за 25,7 милиони долари отколку во 2020 година (207,7 милиони долари). Таквиот пораст е постигнат и покрај пандемијата во двете земји и смалените деловни контакти. Меѓутоа, ваквото темпо е задржано токму заради тоа што благодарение на нашата држава не беа воведени санкции за извоз на храна кон Руската Федерација. Во спротивно македонските компании тешко ќе можеа да извезат стока на овој пазар во висина од 57,1 милиони долари (во 2020 година 60,3 милиони САД долари), што е пад од 5,4 отсто или вредносно за 3,2 милиони долари помалку од преклани. И тој пад што го има земјава во извозот се должи заради измрзнувањето на праските, нектарините и кајсиите во земјава, кои во македонскиот извоз учествуваат со 15 отсто.

Каква е проценката за финансиска и стопанска штета што би ја претрпела нашата држава доколку санкциите потраат, на пример, цела година?

– Во основа сѐ зависи од тоа какви сѐ санкции ќе се воведат во наредниот период и како ќе ескалира руско – украинската криза. Со оглед на релативно скромната трговска размена со овој голем пазар, директните штети за Република Северна Македонија не би биле големи во првиов момент, но можат да бидат даматични за одредени компании членки на Македонско-руската стопанска комора.

Од друга страна, пак, индиректните штети веќе бизнис секторот и граѓаните ги чувствуваат. Постојан е растот на цените на енергијата, суровините, прехранбените и земјоделските производи на светскиот пазар, и од тоа земјава ниту може, ниту ќе биде заобиколена. Потребно е државата што порано да се организира и да преземе мерки за да не се најдеме затечени во оваа светска криза, која од ден на ден расте. Токму кога светската економија почна да излегува од повеќе од двегодишната здравствена криза и да ги залечува „раните”, сега се најде во виорот на руско – украинскиот спор, што е најлоша комбинација за економијата и стандардот на граѓаните.

Имајќи предвид дека увозот од Руската Федерација е поголем во однос на нашиот извоз, што значат санкциите, односно во кои сектори земјава ќе претрпи штети од аспект на запрен увоз-извоз, доколку е можна проценка, во колкава мера?

– Сѐ уште не можеме да зборуваме за запрен увоз, бидејќи такви санкции сѐ уште нема. Хипотетички зборувано, најголемите штети во таквата состојба би претрпел земјоделскиот и прехранбениот сектор и фармацевтската индустрија. Само за илустрација би споменал дека повеќе од третина од земјоделските трговски вишоци во земјава се пласираат во Руската федерација. Многу компании од овој сектор и индивидуални земјоделци ќе се најдат во тешка состојба, иако побарувачката на земјоделски производи рапидно расте и на светскиот пазар. Но, не е така лесно да се дојде до нови бизнис партнери и затоа од низа македонски компании до нас стигна апелот да се заложиме да не се воведат санкции на извозот на храна во Русија.

Дали санкциите ќе значат забрана за работа на руски компании во земјава чии активности се во тек?

– Економските релации со Руската Федерација во изминатиот период се одвиваа претежно во областа на трговијата. Изостана формирање на мешовити компании, посериозни странски директни инвестиции, или соработка на полето на заеднички производи за извоз на трети пазари. И покрај тоа, има на домашниот пазар етаблирано сериозни руски компании, како на пример „Лукоил”, и повторно хипотетички – евентуалната забрана на нивното работење ќе донесе сериозни економски штети и зголемен број на невработени. Таквото сценарио не сакаме ниту да го замислуваме. Потоа, руските компании во земјава делуваат како македонски субјекти. Но, од наша гледна точка не очекувам дека ќе има забрана за работа на тие компании.

Како изгледа нашата застапеност во Русија, дали е голем бројот на наши компании со свои претставништва во Руската Федерација и дали се очекува нив Москва да ја забрани работата таму. 

– Во овој момент мал е бројот на македонски компании кои имаат свои претставништва во Руската Федерација, и тие работат во сектори за кои во моментов нема санкции ниту од ЕУ, ниту од САД и другите земји. Затоа не очекувам проблеми во нивното работење.

Може ли домашната економија да ги издржи санкциите без странска поддршка?

– Нашиот став за прашањето дали домашната економија може да ги издржи санкциите без странска поддршка – е дека таа мора да ги издржи.
Позната е мудроста дека секој треба да се потпре самиот на себе си. Земјава има ресурси, кои би ѝ помогнале полесно да ги преброди неволјите што му се закануваат на целиот свет.