Буџетот на Република Македонија за следната година, ќе изнесува 3,35 милијарди евра, што значи дека властите догодина ќе потрошат 5,5% повеќе пари отколку годинава.Најглемиот државен буџет досега беше изгласан во Собранието на Република Македонија со 72 гласа „за“ и 37 „против“.
Од значење за македонските компании е што во Буџетот се предвидени капитални инвестиции во вкупен износ од 438 милиони евра. Со тоа во 2017 година,тие треба да бидат поголеми за 20% во однос на годинава. Капиталните инвестиции изнесуваат 13 отсто од вкупниот Буџет.Планирани се вложувања во патишта, железници, гасификација, здравствени, образовни и спортски објекти, но и во нови административни згради.
Проектиран е раст од 3%, задолжување од 3% и инфлација од 1%. . Државата планира да потроши 3.3 милијарди.Се предвидува зголемување на вработеноста од 1.8%, на просечната нето плата од 1.8%, на приватната потрошувачка од 2.1%, на јавната од 1.3%, на бруто – инвестициите за 4.5%.
Гледано по сектори најголем раст се очекува кај градежништвото, од 5.2%; потоа кај услугите од 2.8%, земјоделството од 2.3%, индустријата од 2%.
Во 2017 година градежната дејност се очекува да оствари стапка на раст од 5.2% на реална основа, главно како резултат на реализацијата на планираните јавно – финансирани инфраструктурни проекти и предвидените инвестиции во слободните економски зони. Индустриската активност се предвидува да забележи раст од околу 2%, по неповолните движења во претходната година, како последица на неизвесното домашно окружување.
Приходната страна на буџетот е потешка за 216.6 милиони евра или за 7.6%. Државата планира да собере повеќе пари во сите ставки: даночни, неданочани, капитални, донации, придонеси.
Вкупните буџетски расходи се проектирани на 3.3 милиони евра. Државата во 2017 година планира да потроши 174.7 милиони евра или 4.5% повеќе пари во однос на годинава.
Сите ставки се зголемени. За плати и надоместоци се планирани 435.3 милиони евра (зголемување од 4.2 милиони), за стоки и услуги 318.8 милиони (зголемување за 0.5 милиони), за субвенции 214.1 (зголемување за 16.7 милиони), за капитални инвестиции 438.2 (зголемување од 72 милиони). Речиси половина буџет или 1.5 милијарди евра треба да одат за социјални трансфери во кои влегуваат и дотациите кон Фондот за пензиско, овде има зголемување од 53 милиони евра.
Само за камати ќе се потрошат 133.5 милиони евра.
Буџетскиот дефицит треба да биде 302.5 милиони евра или 3% од Бруто – домашниот производ, во споредба со годинава помал за 42 милиони евра.
Финансиските средства за проектираниот дефицит за 2017 и отплатата на долговите ќе се обезбедат преку задолжување во странство со издавање на Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал, со задолжување на домашен пазар на државни хартии од вредност и со повлекување на средства од поволни кредити од меѓународни финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти.