Винарската визба „Тиквеш“, членка на Македонско-руската стопанска комора, неодамна ја доби акредитацијата за организирање обуки на престижната Лондонска школа за вино и жестоки пијалаци – Wine & SpiritsEducation Trust (WSET), најголемиот светски провајдер на обуки во доменот на виното и жестоките пијалаци.
Школата „Вински едукатор“ (Wine educator) почнува со работа, а обуките, според највисоките стандарди на едукација во областа, ќе ги изведуваат реномирани искусни предавачи сертифицирани од оваа светски признаена едукаторска организација. Рокот за апликации е во тек и трае до почетокот на март, а првите обуки ќе се одржат од 27. до 30.март оваа година во М6 Едукативниот центар во Скопје.
– Ова е логично продолжување на активностите што „Тиквеш“ ги презема повеќе од една деценија на полето на едукацијата и развојот на винската култура. Но и подигнување на едно повисоко, би рекол, светско ниво. Програмите и највисоките стандарди на Лондонската школа и нејзините интернационални обучувачи ќе отворат нови можности за развој на македонскиот пазар на вино, но и за раст на домашната винска индустрија, преку создавање нови познавачи на виното, едуцирани трговци со вино и персонал по рестораните и вински ентузијасти. Тие понатаму ќе ја шират винската култура и бенефитите од умерената и одговорна конзумација на виното – изјави генералниот директор на „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ.