Во 2016 годинава Република Македонија и Руската Федерација оствариле меѓусебна трговска размена од 191,9 милиони долари што во споредба со претходната 2015 година кога вкупното тргување изнесувало 189 милиони долари бележи раст од само 1,5 отсто. Но, структурата на размената покажува позитивни тенденции за македонското стопанство. Република Македонија лани  го зголемила извозот во Руската Федерација за 39,5 отсто, а увозот го намалила за 7,2 отсто во споредба со 2015 година. На рускиот пазар во 2016 година македонските компании  пласирани стоки во вредност од 48,9 милиони долари (преклани  35 милиони долари), а од таму се увезени производи за 142,9  милиони долари (преклани 153,9 милиони  долари).
Ваквиот обем на тргување со големиот руски пазар придонел трговскиот дефицит на Република Македонија со Руската Федерација  да биде намален. Минатата година Република Македонија имала негатива во размената со Руската Федерација од 94 милиони долари (преклани 118,8 милиони долари).
Инаку, вкупниот обем на стоковната размена на Република Македонија со странство  во 2016 година изнесувал нешто над 11,4 милијарди САД  долари.Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-декември 2016 година, изнесува 4,7 милијарди  САД долари и бележи пораст од 6.6% во однос на истиот период од претходната
година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6,7  милијарди САД долари што е за 5.6% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит на Република Македонија, во периодот јануари- декември 2016 година, изнесува 1,9 милијарди  САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-декември 2016, изнесува 70.9%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони
или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Во периодот јануари-декември 2016 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Италија.