Во јануари годинава обемот на стоковната размена на Република Македонија со Руската Федерација изнесувал 14,65 милиони САД долари, што е 93,8 отсто од вредноста на размената што во истиот месец од лани ја оствариле двете земји, кога биле реализирана трговија од 15,61 милиони САД долари.Македонските компании во овој месец пласирале стока во износ од 2,60 милиони САД долари (лани во јануари 1,84 милиони САД долари) што е раст од 41 отсто.Но, истовремено, во првиот месец од годинава македонскиот увоз од Русија изнесувал 12,04 милиони САД долари (во јануари лани увезени 13,77 милиони САД долари) што е опаѓање од 12,5 отсто.
Во јануари годинава Руската Федерација била 20 трговски партнер на земјава.
Инаку, Република Македонија во јануари остварила вкупна размена со светот во износ од околу 1,12 милијарди САД долари.Притоа, како што соопштуваат од Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во јануари 2019 година, изнесува 473,75 милиони САД долари и бележи пад од 8.5 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 649,80 милиони САД долари што е за 5.3 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во јануари 2019 година, изнесува 176,04 милиони САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во јануари 2019, изнесува 72.9 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во јануари 2019 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Бугарија.