Нарачките на руска техника од странство се на нивото од 47 до 50 милијарди долари, соопшти директорот на Федералната служба за военотехничка соработка (ФСВТС) на Русија Дмитриј Шугаев.
„Имаме вкупно нарачки од странство во рамките на 47 до 50 милијарди долари. Мислиме дека овој тренд ќе продолжи. Портфолиото на нарачки е многу важен показател, затоа што кажува за обврските на нашите производители“, изјави тој на прес-конференцијата за резултатите од форумот „Армија-2017”.
Според Шугаев, воената авијација чини околу 50% од вкупниот обем на нарачките. „Порано веќе се наведуваа бројки за тоа дека испораките на авијација чинат 27% од нашите испораки на светскиот пазар. Копнената техника зазема околу 30% од нарачките, околу 20% е ПВО-техниката, а 6-7% морнаричката техника”, изјави тој, пренесува ТАСС.
Шугаев истакна дека Русија во странство испорачува „цела палета ловци“, добро познати на светскиот пазар. Тоа се ловците Су-30, модернизираниот МиГ-29, најновиот МиГ-35, хеликоптерите Ми-35, Ми-28, Ми-17, Ка-52 и школско-борбените авиони Јак-130.
„Што се однесува до ПВО-техниката, најголем интерес постои за системите С-400, за системите „Тор“, „Бук“, „Игла“, за различна оклопна техника, тенковите Т-90, Т-90С, средствата за радио-електронско војување”, наброја Шугаев.