Македонските компании од денес имаат комплетна инфраструктура за пласман на своите производи на Рускиот пазар. Во огромниот деловен центар кој е сопственост на најголемиот руски агро-кластер „Фуд сити“ на свечен начин беше пуштен во употреба „Македонскиот изложбено-трговски дом“. На свеченото отварање присуствуваа бројни бизнисмени од главниот град на Руската Федерација, челните луѓе на Московската стопанска комора, на Евроазискиот деловен сојуз и на „Фуд сити“ со нивните соработници, претставници на државни институции, на национални деловни центри од разни земји од светот и од руските региони стационирани во овој комплекс, како и бизнис – делегација од Република Македонија составена од компании кои први ги изложуваат своите производи во Москва. Македонскиот национален павилјон ќе биде целосно во функција на зголемување на пласманот на македонските производи на рускиот пазар и ќе им овозможува на компаниите комерцијална, правна, царинска и секаква друга помош.

MITD vo Moskva A

-Македонска-руска стопанска комора, која веќе 12 години делува под мотото дека е „Мост за стопанско поврзување на двете земји“, дефинитивно го изгради тој мост. Македонските стопанственици сега преку „Македонскиот трговско-изложбен центар“ преминаа на рускиот пазар и македонската храна и пијалоци многу полесно ќе може да се најдат на трпезите на руските граѓани, – истакна Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска-руска стопанска комора на свеченото отварање.

MITD vo Moskva B

Н.Е. Гоце Карајанов, Амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација, посебно нагласи дека се надева дека со „отварањето на овој постојан претставнички центар на македонското стопанство во Руската Федерација ќе се зголеми пласманот на македонските производи на рускиот пазар“.

MTDI vo Moskva C

-Уште при презентација на Центарот пред еден месец во Република Македонија ме пленија македонските луѓе и квалитетот на македонските производи. Затоа сум сигурен дека тие ќе најдат место на рафтовите во руските маркети и трговски центри, но дека ќе дојдат и до купувачи и во останатите земји од Евроазиската унија, – подвлече Виктор Тузарович Камболов, директор на Евроазискиот деловен сојуз.

Komora6

          Првите десет македонски компании кои се стационираа во „Фуд сити“ се: „Тиквеш“ од Кавадарци, „Здравје Радово“, „Далвина“ од Струмица, „Попова кула“ од Демир Капија, „Вори“ од Гевгелија, „Агромакс“ од Берово и „Гранд Фуд Корпоратион“, „Кадино“, „Горска“, „Свислион“ од Скопје. Веднаш по свеченото отварање на „Македонскиот изложбено-трговски дом“ видлив беше интересот на руските бизнисмени за македонското вино и други жестоки пијалоци, сирење и кашкавал, кондиторски производи, тестенини, конзервиран и сушен зеленчук и овошје, чаеви и други производи „made in Macedonia“. Претставниците на македонските компании имаа бројни деловни разговори со нивните руски колеги.
Значајно е што „Македонскиот изложбено-трговски дом“ во Москва е отворен и за други компании од Република Македонија кои се заинтересирани за пласман на своите производи на големиот руски пазар.

Komora Moskva4

Македонската бизнис – делегација имаше и свечен прием и во Московската стопанска комора. Притоа, тие присуствуваа на потпишување на Договор за соработка меѓу Московската стопанска комора и Македонска-руската стопанска комора и Македонскиот изложбено – трговски дом. Под овој документ за соработка своите потписи ги ставија Владимир Платонов, претседател на Московската стопанска комора и Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска-руската стопанска комора, како и Инна Жарова директор на „Македонски дом“.На чинот на потпишувањето присуствуваше и Н.Е. Гоце Карајанов, амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација.
-Московската стопанска комора е сеопфатен центар за претприемачите и бизнисмените, во кој тие можат да ја добијат неопходната поддршка за реализирање на своите деловни идеи. Преку Договорот со Македонско руската стопанска комора и за македонските бизнисмени нејзините врати се отворени и ќе може да добијат разни информации и помош при нивниот настап на рускиот пазар, – истакна Владимир Платонов. – Какво значение и се придава на Комората зборува фактот дека комплетната нормативно-правна рамка за водење на бизнис се донесува со учество на членките на Московската стопанска комора.
Од македонската страна беше споменато дека се прават сериозни напори за зголемување на соработката со Руската Федерација, особено во делот на агрокомплексот и прехрамбената индустрија.

Komora Moskva1

-Македонија е една од не многу земји кои не воведоа санкции кон Руската Федерација. Тоа придонесе меѓусебната размена лани да ја достигне бројката од 200 милиони долари и тоа е потенцијал кој и натаму ќе се зголемува, бидејќи условите за бизнис во Русија се дефинирани и стабилни, – порача Дејан Бешлиев.