Стопанскиот криминал во Руската Федрација опаднал за 20 отсто од 2014 година наваму.Ова се наведува во извештајот на ревизорската куќа “PricewaterhouseCoopers” (PwC).

-Иако стопанскиот криминал и натаму е голем проблем за бизнисот во Руската Федерација, нашето истражување го покажува позитивниот тренд – стопанскиот криминал во земјата опаднал за петтина, истакнува Џереми Отен, директор на PwC Русија.

Како што се наведува во извештајот, секоја втора компанија (поточно 48 отсто) била жртва на стопански криминал во последните две години.

-Ова е значително понизок резултат од 2014 година, кога жртви на стопански криминал биле 60 отсто од фирмите, но и натаму ова е над светскиот просек кој изнесува 36 отсто, се наведува во извештајот на “PricewaterhouseCoopers”.

Исто така, во извештајот се наведува дека 65 отсто од испитаниците во Русија барем еднаш годишно вршат проценка на ризикот од измами, додека на глобално ниво просекот е 51 отсто.

Најчестите облици на стопански криминал во Руската Федерација се проневерите, измамите при набавките и митото и корупцијата. Додека сајбер криминалот во светот достигнал на второ место, во Русија е дури на четвртото.

Проневерите и натаму се најзастапениот тип на измами (72 отсто) во Русија, како впрочем и во светот (64 отсто).