Планирано е првиот крак на гасоводот „Турски тек“ да почне со работа на 1 јануари 2020 година, соопшти министерот за енергетика на Русија Александар Новак.

„Очекуваме на 1 јануари 2020 година“, рече Новак, одговарајќи на новинарско прашање.

Рускиот министер додаде дека рокот за пуштање на гасоводот во функција зависи од реализацијата на придружната инфраструктура за транспорт на гас во европските земји. Притоа, според него, проектот за проширување на системот за транспорт на гас на Бугарија, за да може да прими гас од „Турски тек“, тече според планот, пренесува РИА „Новости“.

Претходно заменик-претседателот на управата на „Гаспром“ Виталиј Маркелов изјави дека почетокот на испораката на гас по „Турски тек“ е планиран за 31 декември 2019 година.

Сопственикот на турската енергетска компанија Damnus Energy & Investment Нусрет Џемрет изјави дека Турција ја намалила набавката на гас од Русија поради кризата и диверзификацијата. Од кварталниот извештај на „Гаспром“ може да се вити дека Турција во првиот квартал од 2019 година го намалила увозот на руски гас за 43% од 7917 милијарди во истиот период минатата година на 4522 милијарди кубни метри. Тоа е минималната количина во последните 10 години.

„Јас, како сопственик на првата приватна компанија за продажба на гас во Турција, две години бев единствениот партнер на „Гаспром“ меѓу приватните компании заедно со државната компанија „Ботас“. Зошто Турција почна да купува помалку гас од Русија? Постојат две причини. Се разбира, Русија е многу важен снабдувач на нашата земја со гас. Но, во моментов Турција поминува низ криза и го намалува производството, па затоа ѝ треба помалку гас“, рече Џемерт.

Како втора причина тој ја наведе диверзификацијата. „Турција во последно време немаше други снабдувачи со гас освен Русија, Азербејџан и Иран. За да обезбеди диверзификација, Турција ја зголеми набавката на течен гас. Се намалува набавката на обичен гас преку гасовод, но тоа нема никаква врска со политичките односи со Русија, тоа е чисто економско прашање“, рече Џемерт.

Според него, Турција последниве години изградила два терминала за прием на течен гас. „Ние го добиваме од Алжир и Нигерија врз основа на долгорочни договори. Во последно време склучивме и неколку краткорочни договори“, изјави сопственикот на енергетската компанија.(Руска реч)