Гига – кроасанот од 200 грама, новиот производ на „Фанси Корнер Цопанелис“,  станува хит на странските пазари, а наскоро  ќе биде достапен и за потрошувачите во Русија и земјите од Евроазиската унија.Семејната фабрика на „кралот на кроасаните“ Цопанелис по потекло од околината на Атина, сместена во индустриската зона во село Раброво крај  Валандово, наскоро ќе стане членка на „Македонски дом“ во Москва и ќе започне со пласманот на своите производи на овој пазар. Шансите лепезата кроасани кои се изработуваат на југот од Македонија да се најдат на гондолите на руските маркети се огромни, со оглед што цената македонскиот кроасан е два до три пати пониска од конкуренцијата.Компанијата во овој момент  извезува 90 отсто од производството, а најголемите купувачи се од Романија, Унгарија, Косово и Босна и Херцеговина.
-Во Македонија почнавме со бизнисот пред повеќе од една деценија, а грчкиот сопственик постепено го пренесе целото производство во земјава.Во 2015 година во индустриската зона во  Валандово на  простор од 6.000 квадратни метри беше изграден и почна со работа модерен капацитет  од 2.000 метри квадратни во кој сега во три смени се произведуваат единствено кроасани со шест вкуса.- истакна Татјана Ристоманова, менаџер на команијата при средбата со м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.
Валандовската компанија започнала со работа со двајца вработени, а сега во модерно опремените погони работат  84 работници кои произведуваат по 4.000 кутии кроасани дневно. И кремовите со вкусови на чоколадо, јагода, кајсија, шампањ… ги произведуваат самите по сопствени рецептури.
-Го лансиравме гига – кроасанот на пазарот и сме пријатно изненадени од брзиот и фантастичен одглас од потрошувачите.Само за една недела имаме порачки од 10 камиони за Романија,  – вели Ристоманова. – Наскоро очекуваме нашите кроасани да почнат да се пласираат во Швајцарија, каде веќе испративме пробни количини производи,   и во Германија.
Валандовската компанија не запира во својата извозна експанзија.На ред се источните пазари, а менаџментот на „Фанси Корнер Цопанелис“ оцени дека „Македонски дом“ во Москва со својот изложбено-трговски комплекс во „Фуд сити“ е иделна платформа за нејзин влез прво на рускиот  пазар.Од Москва валандовската фабрика за кроасани потоа ќе ги фокусира и пазарите на другите земји од Евроазиската унија.
                                                                                                               Саво Пејчиновски