Во првите шест месеци од 2020 година Комерцијална банка а.д. Скопје, членка на Македонско-руската стопанска комора, оствари позитивен финансиски резултат во износ од 743,3 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 675,1 милиони денари што претставува зголемување за 10,1%. Планираната бруто-добивка за првото полугодие од годинава е остварена со 75,8%.

Зголемувањето на бруто-добивката е остварено во услови на позначителен пораст на дополнителната исправка на вредноста на финансиските средства заради влошување на квалитетот на корпоративното кредитно портфолио. Остварената добивка пред исправка на вредноста, е за 70,3% поголема во однос на истиот период минатата година.

Значителното зголемување на добивката пред исправка на вредноста главно произлегува од зголемувањето на останатите приходи, односно приходите од капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања од клиентите „Прототип“ ДООЕЛ Скопје и „Технометал Вардар“ АД Скопје. Пораст бележат и нето-приходите од камата, пред сè од секторите домаќинства и држава, како резултат на зголемена кредитна изложеност. Позитивниот резултат од работењето, Банката го оствари во услови на прогласена вонредна состојба во Државата поради пандемијата со ковид-19, при што е извесно дека и во следниот период здравствената и економската криза ќе се пролонгира и остануваат присутни ризиците поврзани со истата. Во периодот по прогласувањето на вонредната состојба, заклучно со 30.06.2020 година, Банката во целост го прилагоди своето работење со донесените препораки и уредби од Владата, како и со измените на регулативата поврзана со управувањето со кредитниот ризик и останатите одлуки донесени од страна на Народната банка кои беа креирани пред се’ за да ги заштитат клиентите на банките кои се директно погодени од кризата.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 2.747,4 милиони денари и бележат зголемување од 43% во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата бележат зголемување од 3,2% во однос на истиот период од минатата година како резултат на зголемувањето на приходите од камата остварени од секторите домаќинства и држава. Ова е реализирано во услови на континуиран тренд на намалување на активните каматни стапки, при намалена понуда и каматни стапки на благајничките записи, како една од мерките поврзани со здравствената криза. Планот за анализираниот период е остварен со 99,9%.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2020 година во однос на истиот период од минатата година бележат намалување од 11,5%. Ова намалување се остварува под влијание на неколку фактори: намалена економска активност на клиентите во услови на криза, укинати надоместоци за електронско и мобилно банкарство како една од мерките за олеснување на негативните ефекти за клиентите во текот на вонредната состојба и зголемени провизии кои Банката ги плаќа кон надворешни добавувачи на услуги. Планот за анализираниот период е остварен со 85,8%.

Нето приходите од курсни разлики на 30.06.2020 година изнесуваат 80,7 милиони денари и бележат зголемување од 38,5%. Планот за анализираниот период е остварен со 136,8%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2020 година изнесуваат 1.042,8 милион денари и бележат повеќекратно зголемување главно како резултат на зголемување на приходите од капитална добивка по основ на продажба на преземен имот, како и поголем износ на наплатени претходно отпишани побарувања. Планот за извештајниот период е трикратно надминат.

Оперативните расходи за периодот 01.01-30.06.2020 година изнесуваат 866,7 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 6,1% како резултат на зголемени премии за осигурување на депозитите, трошоци за амортизација и зголемени спонзорства и донации. Во услови на пандемија Банката направи повеќекратни улати за помош на здравствениот систем во услови на криза. Планот е остварен со 105%.

Во периодот од 01.01-30.06.2020 година Банката прокнижи 938 илјади денари исправка на вредност на нефинансиски средства, односно 20% од нето вредноста на преземениот имот согласно регулативата на НБРСМ.

Во извештајниот период Банката оствари исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 1.136,5 милиони денари наспроти 425,1 милиони денари во истиот период минатата година по основ на влошување на состојбата на корпоративното кредитно портфолио.