Европските амбасадори постигнале согласност за продолжување на економските санкции против Русија за период од уште шест месеци. Ова го пренсуваат западните агенции.

      Нивните извори тврдат дека амбасадорите на 28-те земји-членки на ЕУ принципиелно ја поддржале одлуката што сега треба да добие официјално одобрување од министрите за надворешни работи на ЕУ. Се очекува тоа да се случи кон крајот на оваа работна недела.

     Санкциите кон Москва сега се врзани со целосното имплементирање на Договорот од Минск во февруари 2015-та година и примирјето помеѓу Украина, Русија и проруските сепаратисти во источна Украина.

     Економските санкции беа воведени од страна на ЕУ кон Русија летото 2014-та година, како одговор тврдењата на САД дека сепаратистите во источна Украина се под директни руски наредби, нешто што потоа беше негирано од официјален Кремљ.

     Последните неколку недели во самата ЕУ се појавија разногласија околу продолжување на санкциите кон Русија.

     -Европската унија треба да ги продолжи економските санкции против Русија поради ситуацијата во Украина, изјави деновиве генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, веднаш откако шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер истакна дека санкциите „треба полека да се укинуваат“.

     – Моја проценка е дека не треба да се укинат економските санкции за Русија пред таа да го смени своето однесување. Верувам дека внатре во Унијата постои широка согласност со мојот став, нагласи Столтенберг.

     Штајнмаер, пак, изјави дека ЕУ треба полека да ги укинува санкциите доколку постои напредок во мировниот процес и ако Русија покаже дека го исполнила својот дел во имплементирањето на Минскиот мировен договор за Украина.

     Западните компании од воведеното ембарго имаа штети во 2015 година во висина од преку 9,3 милијарди долари.