Дваесет тони прехранбени производи од четири македонски компании ја сочинуваат првата пратка што тргна денеска од Македонија за Русија, договорена за пласман преку „Македонскиот изложбено- трговски дом“ лоциран во „Фуд сити“ во Москва.
М-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора, информира на прес – конференција на извозниот термнинал во Скопје, дека првата пратката ја сочинуваат вода, бисквити, соленки, производи од конзервната индустрија… на фирмите „Вори“, „Горска“, „Свислион“ и „Гранд експорт“  и оти преку трговскиот дом во процедура се уште извози од фирми од Македонија.

– Земјоделството опфаќа 70 проценти од извозот на Македонија во Руската федерација. Се надеваме дека со овој чекор и извозот преку трговскиот дом годинава ќе се надмине вредноста на ланската трговска размена меѓу двете држави, која изнесуваше  200 милиони долари, како и дека освен земјоделските ќе бидат застапени и производи од други гранки, изјави Бешлиев.
Според Никола Јовановски од „Гранд експорт“, со промоцијата преку трговскиот дом ја реализирале страгијата за пласман на рускиот пазар и веќе имаат контакти и најави за склучување директни договори со големи ланци маркети и  големопродажни компании од Руската федерација и од  држави од Евроазискиот сојуз.

– Најголеми можности покрај земјоделските имаат и производите од кондиторската индустрија, – рече Јовановски.
Како што потенцира Благоја Цветковски од „Свислион“, сертификацијата на квалитетот на производите поминала како што треба и тие ги добиле потребните дозволи за пласман на рускиот пазар, каде гледаат голем потенцијал за извоз.

– Се надевам дека се ќе помине во најдобар ред и оваа приказна ќе биде успешна и долгорочна. Овие четири  компании го трасираат патот за Русија преку „Македонски дом“ а другите нека се осмелат и нека не следат, изјави Цветковски.
Тринаесет компании од Македонија досега склучиле договор со „Македонски дом“ во Москва, отворен пред шест месеци, како место за промоција, изложба и директна продажба на производи од домашни фирми. На македонските извозници на располагање им се и  над 300 синџири маркети со над 20.000 продавници низ Руската Федерација.(МИА)