Извршниот  директор на Македонска-руска стопанска комора, м-р Дејан Бешлиев на 26.9.2019 година во Москва беше примен и водеше разговори со претставници на партнерската Трговско – индустриска комора на Руската Федерација.На средбата со г-ѓа Татјана Легчинина, заменик директор на департментот за меѓународна соработка  и Дмитри Бистроф, главен експерт за меѓународна соработка,  беше елаборирана економската соработка  и трговската размена меѓу двете земји, како и нивото и можностите на меѓукоморска соработка со  Трговско-индустриската комора на Руската Федерација и со регионалните комори.

            Заедничка беше оценката дека трговската размена меѓу Руската Федерација и Република Северна Македонија бележи нагорен тренд и постојан пораст, но дека можностите не се ниту оддалеку искористени. Заради нејзино поспешување договорено е интензивирање на коморските активности и забрзување и зголемување на бизнис контактите меѓу компаниите од двете земји.Во тој правец се очекува  кон крајот на ноември да се реализира посета на бизнис – делегација составена од членки на Македонско-руската стопанска комора на регионалната комора на Санкт Петесбург и билатерални средби со деловните луѓе од овој регион. Истовремено, разговарано е и за посета на бројна стопанска делегација од Трговско-индустриската комора на Руската Федерација на Скопје,  при што би се одржале средби со значајни македонски компании кои се заинтересирани за пласман на своите производи на големиот руски пазар.

            Средбата на м-р Дејан Бешлиев со претставниците на Трговско-индустриската комора на Руската Федерација се одржа во рамките на посетата и учеството на македонска бизнис –делегација на најзначајната саемска  манифестација во југоисточна Европа WORLD FOOD MOSCOW 2019, на која земјава е застапена и со Национален штанд.

Одделение за информирање на Македонско-руската стопанска комора