Белото вино „Шардоне“ од бербата од 2015 година на винаријата „Стоби“ доби златен медал на 24. издание на Интернационалниот натпревар на најдобрите вина од сортата „шардоне“ во светот кој се одржа во Франција.
Беа оценувани 706 примероци од 38 земји меѓу кои и Јужна Африка, Австралија, Австрија, Канада, Чиле, Шпанија итн. Победниците беа избрани од страна на 300 вински стручњаци, а македонското вино доби златен медал кој е дополнителен доказ за неговиот квалитет.
Натпреварот се одржува веќе две децении со цел да се наградат најдобрите „шардонеa“ во светот. Идејата е да се истакне шареноликоста и богатството на ваквиот тип на вино како и да се создаде простор каде производителите ќе разменат искуства и контакти. На манифестацијата се промовира и научен пристап и се шират знаењата за „шардоне“.
„Шардоне“ на „Стоби“ има препознатлива жолтеникаво – зеленкаста боја, со комплексна и заводлива арома на егзотично овошје, јаболко и праска, проткаена со тонови од багремов цвет. Вкусот е долготраен и постојан, благ, мек, со овошни и зачинети нијанси.
– Во Македонија не се произведуваат многу бели вина. Познати сме по црвените затоа што имаме повеќе сорти на црвено грозје. Токму поради тоа овој златен медал ни значи многу и горди сме што нашето „Шардоне“ се издвои помеѓу 706 пристигнати примероци од цел свет. Се работи за вино кое е дел од нашата линија на „класик“ и веќе одамна одлично поминува на македонскиот пазар како и во странство – велат од менаџерскиот тим на „Стоби“.
Винаријата минатиот месец доби и два златни медали за црвените вина „Вердо“ и „Веритас“ од бербата од 2013 година на пролетното издание на престижниот натпревар „Мундус вини“ во Германија. Додека „Р’кацители“ од 2015 година го освои сребрениот медал со што вината се издвоија во конкуренција од речиси 6200 вина од цел свет.
Винаријата е отворена во 2010 година и во тој период се издигна во втор најголем извозник на вино во шише во Македонија. Годишно се произведуваат 4,5 милиони литри вино кои се распределени во 4 категории – премиум, елит, класик и традиционални.