Комерцијална банка, членка на Македонско-руската стопанска комора, се стекна со еко-сертификат заради својот значен придонес во успешна реализација на GEFF програмата на Европската банка за обнова и развој за кредитна поддршка на енергетски ефикасни проекти на домаќинствата. Придонесот на Банката е дотолку позначаен затоа што е во функција на создавање подобар свет за сегашните и идните генерации и за зачувување на планетата Земја.

Со понудата на кредити од програмата WB GEFF (Western Balkans Green Economy Financing Facility) на ЕБОР и партнерските организации, Комерцијална банка овозможи голем број домаќинства во земјава да ги намалат потрошувачката на енергија и загадувањето на животната средина. Во знак на дополнително валоризирање на придонесот, ЕБОР во име на Комерцијална банка ќе донира 20 садници дрвја, кои во ноември годинава ќе бидат засадени низ земјите од Западен Балкан.

Четиригодишната успешна имплементација на оваа програма на ЕБОР на ниво на Западен Балкан опфати 9.000 домаќинства со инвестиции во вкупна вредност од 44 милиони евра за подобрување на енергетската ефикасност. И најважно од сѐ, со овие инвестиции е намалена емисијата на јаглерод диоксид за над 12.000 тони годишно, што е еквивалентно на отстранување 7.700 возила од улиците.