Комерцијална банка АД Скопје, членка на Македонска-руска стопанска комора, одржа редовното Годишно собрание, при што е констатирано дека Банката ја заврши 2016 година со бруто-добивка во износ од 872,3 милиони денари.
-По пресметување на данокот на добивка од 93 милиони денари, нето-добивката на Банката изнесува 779,3 милиони денари. Акционерите на Банката донесоа Одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка во износ од 779,3 милиони денари и ја утврдија дивидендата за обичните акции во висина од 15% од номиналната вредност на акцијата, односно по 150 денари на една акција. Заради зголемување на вкупниот капитал на Банката и на книговодствената вредност на акциите на Банката, акционерите одлучија дел од добивката, во износ од 437,5 милиони денари, да се издвои во резерви, – се вели во соопштението од Банката.
На Собранието беа усвоени финансиските извештаи и консолидираните финансиски извештаи, како и Годишната сметка на Банката и Консолидираната годишна сметка на Банката за 2016 година, Развојниот план со финансиски проекции за периодот 2017-2021 година, Програмата на мерки и активности на деловната политика и финансискиот план на Банката за 2017 година, беше избрано друштво за ревизија за 2017 година и усвоен Извештајот за усогласеноста на работењето на Банката со Кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на Македонската берза.