Лажна е веста дека Русија ги враќа од границите камионите со македонски поризводи поради проблеми со декларациите како резултат на промената на името на државата. Информацијата,  која беше објавена во дел од онлајн медиумите, ја демантираше Министерството за економија. Оттаму велат дека до сега не се пристигнати информации за вратени камиони од граничните служби на Руската федерација, ниту пак најава за можноста од такво нешто.

Според информациите кои ги добивме од Македонско-руската стопанска комора, некои од нивните членки ја информирале Комората за предупредувања од нивните руски партнери за можен ризик за премин на руската граница на македонски производи, поради новите документи (усогласување на декларации и сертификати со новото име). Поради ова, Македонско-руската комора, по направени консултации со Амбасадата на Руската Федерација во нашата земја, апелирала до македонските извозници, посебно оние кои извезуваат свежо овошје и зеленчук, да почекаат неколку дена, додека надлежните институции од двете земји ги усогласат потребните документи за непречен проток на производи, –  соопшти Министерството за економија.