Вкупната стоковна размена на Република Македонија со светот во минатата година ја достигнала вредноста од 15,96 милијарди САД долари.
Македонските компании извезле стока во вредност од 6,90 милијарди САД долари што е раст од 21.8 % во однос на истиот период од претходната 2017 година.
Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесувала 9,05 милијарди САД долари, што е за 17.3 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари − декември 2018 година, изнесува 2,1 милијарди САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари − декември 2018 година, изнесува 76.4 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари − декември 2018 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија.