Вкупната трговија на Република Северна Македонија со Руската Федерација во првото тримесечје од годинава ја достигна вредноста од 63,786 милиони САД долари (лани во истиот период 58,036 милиони САД долари), што е пораст за 9,9 отсто.Македонските компании на овој пазар пласирале стока во висина од 10,443 милиони САД долари (лани 9,418 милиони САД долари) што е раст за 10,9 отсто.Од Русија во овој период реализиран е увоз во висина од 53,342 милиони САД долари (лани 48,618 милиони САД долари), што е пораст од 9,7 отсто.

Во првите три месеци земјава бележи трговски дефицит во размената со Руската Федерација во висина од 42,909 милиони САД долари.

Инаку, вкупниот обем на размената на Република Северна Македонија со светот во првите три месеци ја достигна вредноста од 3,719 милијарди САД долари.Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во перидот јануари ‒ март 2020 година, изнесува 1,552 милијарди САД долари и бележи пад од 10.8 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 2,116 милијарди САД долари, што е за 6.3 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во перидот јануари ‒ март 2020 година, изнесува 563,460 милиони САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари ‒ март 2020, изнесува 73.4 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари ‒ март 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.