Во првото полугодие годинава обемот на вкупната трговска размена меѓу Република Македонија и Руската Федерација пораснал за дури 61,2 отсто.Двете земји истргувале стока во вредност од 116,6 милиони САД долари, додека лани во истиот период забележана е сумата од 72,35 милиони САД долари.Но, во вака високиот раст на трговијата на стоки, Република Македонија има голема негатива – извозот од земјава е за речиси четири патти помал од увозот на стоки од Русија. На тој начин остварен е трговски дефицит во рамената со Русија во износ од 66 милиони САД долари.
Еве што поконкретно велат бројките.Македонските компании за шест месеци пласирале стока на големиот руски пазар во вредност од 25,34 милиони САД долари (лани во истиот период 22,64 милиони САД долари). Истовремено, од руските компании набавена е стока во вредност од 91,3 милиони САД долари (лани 49,71 милиони САД долари).
Инаку, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-јуни 2017 година, изнесува 2,57 милијарди САД долари и бележи пораст од 13.1% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3, 51 милијарди САД долари што е за 8.0% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари-јуни 2017 година, изнесува 939,5 милиони САД долари
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-јуни 2017, изнесува 73.1%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Во периодот јануари-јуни 2017 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.