Вкупната трговска размена меѓу Република Македонија и Руската Федерација до крајот на ноември 2017 година достигнала вредност од 184,6 милиони САД долари и е повисока за 7 отсто во однос на истиот период од претходната година ( до ноември 2016 година били истргувани 172,5 милиони САД долари).
Значајно е што во овој период македонскиот извоз пораснал за 3,3 отсто повеќе отколку узозот од Русија.Имено, македонските компании до крајот на ноември 2017 година во Руската Федерација извезле производи во висина од 48,3 милиони САД долари, што е за 9,5 отсто повеќе во споредба со истиот период претходната година (44,1 милиони САД долари).
Истовремено,  за истиот период од 2017 година увозот од Руската федерација во земјава изнесувал 136,3 милиони САД долари (до ноември 2016 година 128,3 милиони САД долари) и е повисок за 6,2 отсто.
До крајот на ноември 2017 година остварен е трговски дефицит на македонска страна од 87,9 милиони САД долари. Македонија најмногу од Руската Федерација увезува енергенси, а извезува земјоделско-прехрамбени производи.
Инаку, според соопштението на Државниот завод за статистика на Република Македонија, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во светот, во периодот јануари-ноември 2017 година, изнесува 5,17 милијарди САД долари и бележи пораст од 18.6% во однос на истиот период од претходната година.
Вредноста на увeзената стока од странство, во истиот период, изнесува 6,97 милијарди САД долари, што е за 13.8% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари-ноември 2017 година, изнесува 1,8 милијарди САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-ноември 2017, изнесувал 74.0% .
Трговската размена по производи покажува дека во извозот e најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел) и облеката.
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени, не повеќе обработувани од топло-валаните со ширина од 600 мм или повеќе, намотани.
Во периодот јануари-ноември 2017 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.

 

Обем на размената, I-XI 2017 Покриеност на увозот со извоз
664 156 412 илјади денари 74.0 %
10 785 281 илјадa евра 74.0 %
12 152 623 илјади САД долари 74.2 %