Вкупниот обем на трговската размена меѓу Република Македонија и Руската Федерација мината година е во пораст во сите сегменти, при што најголем скок бележи македонскиот извоз во висина од 10,6 отсто.Двете земји во 2017 година истргуваа стока во вредност од 202,6  милиони САД долари (лани 191,9 милиони САД долари), што е повеќе за 5,6 отсто споредено  со претходната 2016 година. Притоа, македонските компании пласирале стока на рускиот пазар за 54,1 милион САД долари (лани за 48,9 милиони САД долари), што е за повеќе од десеттина од претходната година  – или поточно 10,6 отсто.
Во текот на ланските дванаесет месеци пораснал и увозот од Руската Федерација за 3,9 отсто.Македонските компании од овој пазар увезле стока во вредност од 148,4 милиони САД долари (лани 142,9 милиони САД долари).
Трговскиот дефицит  на македонска страна е  намален, но и тој и натаму е висок и изнесувал во 2017 година 94,3 милиони САД долари.Во Руската Федерација македонските компании најмногу пласирале производи од земјоделството и прехрамбениот сектор, а во увозот доминираат енергенсите.
Инаку,  вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во светот, во периодот јануари-декември 2017 година, изнесувал 5,67 милијарди  САД долари и забележал пораст од 18.5% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесувал  7, 71 милијарди САД долари, што е за 14.2% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-декември 2017 година, изнесувал нешто над 2 милијарди  САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-декември 2017, изнесува 73.4%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот e најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел) и облеката. Во увозот најмногу се застапени
платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав
и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени, обработувани не повеќе од топловаланите со ширина од 600мм или повеќе, намотани.
Обем на размената, I-XII 2017 Покриеност на увозот со извоз
728 587 461 илјадa денари 73.4%
11 832 112 илјади евра 73.4%
13 391 318 илјади САД долари 73.5%

 

Во периодот јануари-декември 2017 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.(С.П.)