Вкупната стоковна размена на Република Северна Македонија со странство  веќе подолго време опаѓа, но продолжува да расте со Руската Федерација.

До крајот на август македонските компании пласирале за блузу четврина повеќе стока на рускиот пазар (24,6 отсто) во споредба со истиот период  лани. Македонскиот извоз во овој период ја достигнал вредноста од 37,7 милиони САД долари (лани за осум месеци 30,2 отсто). Со помало темпо растел увозот и тој за овој период е зголемен за 18,4 отсто. Од рускиот пазар купени се стоки во вредност од  107,8 милиони САД долара (лани 91,1 милиони САД долари).

Вкупното тргување меѓу компаниите од двете земје  за осум месеци ја достигнала бројката од 145,5 милиони САД долари (лани 121,3 милиони САД долари) и е повисока за 19,9 отсто.

Република Северна Македонија за осум месеци од годинава бележи трговски дефицит со Русија во износ од 70 милиони САД долари.

Руската  Федерација во овој период е 17 трговски партнер на земјава.

Инаку, претходните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупната стоковна размена на земјава со светот за осум месеци изнесувала 9,1 милијарди САД долари. Притоа, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија изнесувала 3,89 милијарди САД долари и бележи пад од 18.1 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 5,22 милијарди САД долари, што е за 15.6 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во перидот јануари ‒ август 2020 година, изнесува 1,33 милијарди САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари ‒ август 2020, изнесувала 74.4 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1  и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав. 

Во периодот јануари ‒ август 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.(С.П.)