Продолжува да се одржува високата вредност на размената меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација и до крајот на јули таа е за два ипол пати поголема отколку во истиот период од минатата година.Во овој период Русија е тринаесетти трговски партнер на земјава, пред, на пример, Словенија, Холандија, Чешката Република, САД…

За седум месеци од годинава вкупната размена меѓу двете земји достигна сума од 245,8 милиони САД долари (лани во истиот период 99,5 милиони САД долари), што е пораст од дури 247,2 отсто.Меѓутоа, во овој период македонските компании на рускиот пазар пласирале вредносно за 2 милиони евра  помалку  отколку во истиот период лани  –  32,9 милиони САД долари (лани 34,8 милиони САД долари), што е опаѓање за 5,7 отсто.Затоа, пак, увозот од оваа земја бележи исклучително висок пораст. За седум месеци од оваа земја е купена стока во вредност од 212,9 милиони САД долари (лани во истиот период 64,5 отсто), што е скок од дури 329,8 отсто.

Ваквите движења во меѓусебната размена придонесе за значително покачување на трговскиот дефицит на Република Северна Македонија со Руската Федерација кој достигна сума од 180 милиони САД долари.

Што се однесува до вкупниот обем на стоковната размена на земјава со светот за седум месеци, според предходните податоци на Државниот завод за статистика, тој ја достигнал вредност од 12,6 милијарди САД долари. Притоа,  извозот на стоки од изнесувал 5,1 милијарди САД долари и бележи пораст од 7,4 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесувал 7,4 милијарди САД долари, што е за 14,3 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-јули 2022 година, изнесува 2,3 милијарди САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-јули 2022, изнесувал 69 отсто.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и деловите на седишта од подгрупата 821.1. Во увозот се најмногу застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, електричната енергија и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во периодот јануари-јули 2022 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.