Македонските и руските компании до крајот на 11-тиот месец од минатата година истргувале стока во вкупна вредност од 176,7 милиони САД долари.Македонскиот извоз во Русија изнесувал 46,9 милиони САД долари, додека увозот е речиси три патти повисок и ја достигнал сумата од 129,7 милиони САД долари.

Во овој период земјава бележи трговски дефицит во размената со Руската Федерација во износ од82,7 милиони САД долари.

Инаку, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупниот обем на македонската трговската размена со светот до крајот на ноември ја достигнала вредноста од 15,217 милијарди САД долари.

Притоа, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – ноември 2019 година, изнесува 6,627 милијарди САД долари и бележи пораст од 4.2% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 8,589 милијарди САД долари, што е за 3.5% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – ноември 2019 година, изнесува 1,961 милијарди САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – ноември 2019 година, изнесува 77.2 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Во периодот јануари – ноември 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.