Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупниот обем на трговската размена на Република Северна Македонија со светот до крајот на јули ја достигна вредноста од 9,649 милијарди САД долари.

Притоа, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – јули 2019 година, изнесува 4,197 милијарди САД долари и бележи пораст од 7.4 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 5,451 милијарди САД долари, што е за 4.9 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јули 2019 година, изнесува 1,254 милијарди САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јули 2019 година, изнесува 77.0 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите за седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Во периодот јануари – јули 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.