Македонија со национален штад ќе се претстави на најголемиот саем за широка потрошувачка во Руската Федерација и во Југоисточна Европа „Продекспо 2017“ што ќе се одржи од 6 до 10 февруари во Москва.Настапот на македонските компании е во организација на Македонска-руската стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија. На овој исклучително значаен деловен настан од областа на производството и пласманот на стока за широка потрошувачка своите производи ќе ги изложат винариите „Стоби“ од Градско, „Далвина“ од Струмица и „Кралската винарија“ од Демир Капија, производителите на сирење и кашкавал „Здравје“ од Радово и „Осогово милк“ од Кочани, како и производителот на конзервиран зеленчук и овошје „Вори“ од Гевгелија. Македонско-руската стопанска комора го организира и самостојниот настап на „Кадино индустри груп“, кој по прв пат со сопствен штанд ќе ги престави своите мелнички производи и свежо замрзнати тестенини.
– На националниот штанд на 56 квадратни метри руските увозници и дистрибутери, трговските ланци и најголемите маркети, како и другите деловни луѓе и бројните посетители, ќе можат да ќе се сретнат со вкусовите на квалитетната македонската храна и врвни вина. Македонско-руската стопанска комора по осми пат, а со државната поддршка по шести пат, го организира презентирањето на македонската прехранбена и индустријата на пијалаци, микс што маркетиншки влијае на зголемување на пласманот македонските стоки на овој голем пазар, – вели Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска-руската стопанска комора.
Во „Експоцентарот“ во Москва на „Продекспо 2017“ на 100.000 квадратни метра ќе ги изложат своите производи преку 2.000 компании од 57 земји од светот со 27 национални штанда, меѓу кои е и македонскиот. Големата саемска манифестација повеќе децении по ред се одржува под патронатот на Трговско-индустриската комора на Руската Федерација и со поддршка на државното Министерство за земјоделство и Управата на градот Москва.
– Од 2011 година започна и поинтензивниот пласман на македонското вино на големиот руски пазар.Во 2012 година на овој пазар извозот достигна 972,161 литри наливно вино, за да следната година го достигне рекордот од 1,3 милиони литри наливно вино во вредност од 563.562 евра.Во оваа година забележан е рекорден извоз и на вино во шишиња. Пласирани се 494.880 шишиња вино во вредност од половина милион евра. Во следните две години забележан е голем пад на извозот на македонското вино во Русија. Наливно речиси и не се пласира, додека извозот на виното во флаши е преполовен. Лани е забележано враќање на извозот и беа пласирани 315.000 флаши и 47.700 литри наливно вино. За годинава очекуваме натамошен раст на извозот на вино и алкохолни пијалоци кое треба да стане постојан тренд на рускиот пазар, – истакнува Дејан Бешлиев.
Кон крајот на минатата година „Здравје“ од Радово го проби мразот и ги пласираше првите пет тона млечни производи на рускиот пазар. Во текот на годинава и останатите млекарници кои имаат добиено извозни дозволи од руските органи, како и они кои се во завршни фази на добивање, се очекува да го започнат пласманот на овој пазар.Според Дејан Бешлиев, сето тоа дава надеж дека во 2017 година може да се очекува натамошен раст на македонскиот извоз во оваа земја.
Инаку, во 2016 годинава Република Македонија и Руската Федерација оствариле меѓусебна трговска размена од 191,9 милиони долари што во споредба со претходната 2015 година кога вкупното тргување изнесувало 189 милиони долари бележи раст од само 1,5 отсто. Но, структурата на размената покажува позитивни тенденции за македонското стопанство. Република Македонија лани го зголемила извозот во Руската Федерација за 39,5 отсто, а увозот го намалила за 7,2 отсто во споредба со 2015 година. На рускиот пазар во 2016 година македонските компании пласирани стоки во вредност од 48,9 милиони долари (преклани 35 милиони долари), а од таму се увезени производи за 142,9 милиони долари (преклани 153,9 милиони долари).
Ваквиот обем на тргување со големиот руски пазар придонел трговскиот дефицит на Република Македонија со Руската Федерација да биде намален. Минатата година Република Македонија имала негатива во размената со Руската Федерација од 94 милиони долари (преклани 118,8 милиони долари).
Учеството на саемот македонските компании ќе го искористат за интензивни контакти со руските партнери, но се очекуваат и бројни деловни средби со претставници на рускатата комора и другите деловни асоцијации, како и и со официјалните лица на руската администрација.