Заврши изградбата на гасоводот од Клечовце до Блок станица 5 Штип која се наоѓа меѓу селата Драгоево и Селце, инвестиција вредна 75 милиони долари.

На свеченото одбележување на завршувањето на овој голем проект присуствуваа претседателот на Владата на република Македонија, Емил Димитриев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски,  Костадин Берсењев, в.д. заменик амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија, Михаил Хрјаков, генерален директор на Строј Трансгас од Москва и Крсте Миладинов, генерален директор на МЕР АД Скопје.На свеченоста присуствуваше и Дејан Бешлиев, директор на Макодонска – руската стопанска комора.

Премиерот Димитриев истакна дека успешно заврши првата фаза од гасоводот, односно успешно е завршена изградбата на првиот крак Клечовце-Штип.

Вкупната должина на овој потег изнесува 61 километар, а изградбата на овој капитален проект претставува инвестиција од 75 милиони денари. Она што е уште позначајно со изградбата на оваа делница се овозможува забрзано ширење на целата гасоводна мрежа низ сите поголеми места низ државата. Следниот крак од гасоводот, кој ќе почне да се гради веќе следниот месец, е кракот Штип-Неготино-Кавадарци. Паралено со него во септември оваа година планирано е да почнат да се градат уште два крака од гасоводот и тоа трасата Кавадарци-Неготино-Прилеп до Битола, како и трасата Скопје-Тетово-Гостивар,- рече Емил Димитриев, а пренесува МИА.

Според неговите зборови, по изградбата на овие траси од гасоводната мрежа  ќе следи и изградба на трасите Штип-Радовиш-Струмица-Гевгелија со што Македонија ќе се поврзе со Грција. Потоа трасата од Струмица преку Ново Село до границата, а со оваа траса Македонија ќе се поврзе со Бугарија. И трасата Гостивар-Кичево-Струга до Ќафасан и со оваа траса Македонија се поврзува со Албанија.

Севкупно во период од четири години ќе се изградат нови 204 километри од македонскиот гасовод со вкупна инвестиција од преку 150 милиони евра. Ваквите капитални инвестиции и ваквата динамика на работа јасно говорат за фокусот на Владата што поскоро да ја изградиме гасоводната мрежа и да го донесеме гасот до сите компании и до секое домаќинство во Македонија, нагласи Димитриев.

Премиерот додаде дека изградбата на гасоводната мрежа низ земјава е од големо значење за економијата, за компаниите, конкурентноста на домашното производство и за подобрување на условите за водење бизнис во Македонија.

Дополнително достапноста до гасот ќе значи големи придобивки за народот, затоа што ќе се намалат трошоците за струја и греење, што директно ќе се одрази врз буџетот на граѓаните. На тој начин отвораме новопоглавје во економијата, во енергетскиот сектор и во севкупниот живот на граѓаните, – рече Димитриев.

Костадин Берсењев, в.д. заменик амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија, истакна дека изградбата на првиот крак од магистралниот гасовод Клечовце-Штип-Кавадарци е уште еден голем проект на руско – македонската соработка. Овој  крак чини 75 милиони долари, а од нив 60 милиони долари се средства за регулирање на клириншкиот долг којшто Русија го наследи од поранешниот Советски сојуз, а 15 милиони долари се средства од буџетот на Владата на Република Македонија.

Со пуштање во употреба на новата гасоводна мрежа  Македонија ќе може да добива природен гас не само од Бугарија, туку и од Србија и од Грција. Не помалку е важно и тоа дека македонските компании стекнаа бесценето практично искуство кое може да го искористат понатаму за изградба и обновување на објектите на гасоводната мрежа на Македонија, рече Костадин Берсењев. – Oва ќе биде и цврст темел за реализирање на нови заеднички руско-македонски проекти во областа на енергетиката.

Во своето обраќање генералниот директор на Мер АД Скопје, Крсте Миладинов оцени дека изградбата на македонскиот гасовод од 61 километар и шест блок станици претставува еден од најголемите проекти коишто ги реализираше земјава.

Проектот е завршница, но тој е предвесник на новите проекти. Можете да видите дека интензивно се подготвува изградбата на делницата Штип-Неготино-Кавадарци, која официјално започнува во средината на август. Со реализацијата на тие проекти се отвора и нова ера од кои придобивка ќе имаат стопанството и домаќинствата, а исто така ќе имаме и заштита на животната средина. За реализацијата на проектот соработувавме со Строј Трансгас од Москва. Оваа фирма нам ни подари пријателство и квалитет во изградбата на новиот гасовод, – рече Миладинов.

Михаил Хрјаков рече дека соработката на фирмата „Строј Трансгас“ со македонските колеги е едно големо искуство и пријателство.

Компанијата „Строј Трансгас“ реализира многу проекти во делот на енергетиката во многу држави. Ние сме многу горди бидејќи Македонија токму нам ни ја даде довербата да го градиме првиот крак од Клечовце до Штип, -истакна Хрјаков.