Чунго, заедно со бандата џвакери Луна, Кет, Флип, Мона, Пин и Спити,   се подготвуваат за нова авантура – да отпатуваат во Русија и таму да ги потикнат руските деца да сонуваат да направат големи нешта,  истовремено уживајќи во прекрасниот вкус на гумите за жвакање кои прават големи балони „Чунга Лунга“.„Макрпромет“ од Штип, компанија лидер во производството на „мастики“  на Балканот, со почетокот на 2018 година тргнува во освојување на пазарот на Руската Федерација и ќе се стационира во „Фуд Сити“ како шеснаесета членка на „Македонски дом“.Нивниот адут за влез во руските маркети е „Чунга Лунга“ со шесте ликови и толкуте детски приказни, за кои во „Макпромет“ се сигурни дека ќе ги освојат и срцата и устите на најмладите и во оваа земја. Покрај џвакарската банда, за рускиот пазар се подготвуваат и другите производи на компанијата од делот на кондиторијата – кроасаните, карамелите, компримираните бомбони, лижавчињата…
Влатко Славков
-Џвакарските банди „Чунга лунга“ одамна го освоија Балканскиот полуостров, а во својот поход стигнаа се до – Канада и Америка.Очекуваме на сите нив да им се придружат и децата од Русија.Нашите производи ги извезуваме во моментов во преку 40 земји во светот.Во нашата извозна мисија соработуваме со преку шеесет големи компании.„Чунга Лунга“ го има,  на пример, во „Лидл“ и „Метро“ во Германија и Австрија, „Шпар“ во Словенија, го жвакаат децата на Блискиот и Далечниот исток. И годинава со свој штанд бевме присатни на најголемиот саем за кондиторски производи во светот ИСМ во Келн и таму нашите производи предизвикаа огромен интерес, па покрај традиционалните купувачи разговаравме и со претставници на компании од Пакистан, Кореа…За да се најдат на полиците на големите маркети низ светот ни помага и ценовната политика, бидејќи македонските гуми за жвакање се за 20 до 30 отсто поефтини отколку на најголемите светски производители.Не треба да нагласуваме дека при тоа компромис со квалитетот не правиме, – истакна Влатко Славков, комерцијален директор на „Макпромет“ од Штип, при посетата и разговорите со м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.
„Макпромет“ денеска го живее сонот на најдобриот илустратор, цртач на стрипови и детски ликови Мики Мустер, кој своевремено ја замисли и создаде приказната за Чунго – детски лик на младо момче со сон да прави големи нешта.При распадот на некогашната Југославија визионерите од Штип го откупија брендот од словенечка Колинска и„големото нешто“ почна да создава успешна бизнис приказна лоцирана во најтекстилниот македонски град. Децата, сега уживаат во вкусовите на „Чунга Лунга“ гумите за џвакање, слатките овошни и млечни карамели, неодоливите лижавчиња, вкусните кроасани, крцкавиот Чунга Лунга флипс, полнетите и тврди бонбони, како и фантастичните желеа во различни бои.
Во рамките на „Макпромет“ се одвиваат лепеза на деловни потфати – покрај кондиторијата,  компанијата има пекарница во која се произведуваат 1200 килограми леб дневно наменет за Источниот дел на земјава, во својот состав има две печатници, млекара, семенара во Скопје.Од кондиторијата 80 отсто од производството се пласира на странски пазари.Притоа, главниот извозен товар го носи „Чунга Лунга“.
-Завршуваме подобра година од лани.Располагаме со голем капацитет за производство на кондиторски производи и тој е искористен само половина.Затоа нам ни е извозот императив.Делот за производство на гуми за жвакање „Чунга Лунга“ планираме да порасне во 2018 година за 20 отсто и затоа посебно го фокусираме рускиот пазар. – истакнува Влатко Славков. – Брендот „Чунга Лунга“ носи речиси неограничени можности.Веќе сме во преговори под тоа име други фирми за нас да произведуваат разни производи, како сладолед, флипс, медени срца.
Сопственикот  и младата менаџерска екипа на „Макпромет“ е полна со бизнис идеи.Сегашната ориентација на компанијата во делот на кондиторијата речиси целосно е свртена кон децата, но во годината што доаѓа планираат изградба на нова  линија за производство на тврди бомбони.Со овој зафат штипскиот производител ќе гради бренд наменет за тинејџерите.Никој не се сомнева дека вкусовите на „Рокс“ нема да ги освои оние кои до вчера беа „заробеници“ на  бандата „Чунга Лунга“.
                                                                                                  Саво Пејчиновски