Македонската кондиторска фабрика “Европа” , членка на Македонско-руската стопанска комора, е една од најстарите компании од кондиторската индустрија на Балканот. Веќе 137 години гордо го носи својот бренд, а долгогодишното искуство и квалитет на производите ја прават фабриката “Европа” една од 100-те најголеми извозници во земјава.

Повеќе од две години на чело на фабриката како генерален менаџер се наоѓа Марика Караџова, која екслузивно за порталот Извоз.МК ги споделува плановите за развој, основните темели на извозната стратегија и промените кои се направија во “Европа” со цел зголемување на извозот и освојување на нови извозни пазари.

Над 60% од продажбите на Европа се во странство. Производите на “Европа” се веќе препознатливи и прифатени на пазарите во регионот, но и во светот. Производите на Европа со години наназад успешно се продаваат во поранешните југословенски републики, во Белгија, САД, Австралија, а директорката Караџова најавува дека годинава посилно ќе се фокусираат и на отварање на нови пазари, меѓу кои се Шведска, Германија, Италија, како и некои земји од Блискиот и далечниот Исток.

Интервјуто го пренeсуваме во целост.

Веќе две години сте на чело на фабриката “Европа”, една од најголемите и најстари кондиторски фабрики во земјава и регионот. Кога ја преземавте раководната  позиција најавивте промени во стратегијата уверени дека “Европа” може да постигне многу повеќе. На што се темелат овие промени во стратегијата и што може да очекуваме од новото лице на “Европа”?

“Европа” е најстара кондиторска фабрика на овие простори и оваа година прославуваме 137 години од нашите почетоци како мала работилница за локум и бонбони. Низ овие години преку пренесување на знаењето од генерација на генерација, модернизација на производствените погони, инвестирање во нова технологија и обука на стручите кадри нашата компанија прерасна во модерна индустриска фабрика со преку 5.000 тони годишно производство кое го пласираме на домашниот и странските пазари.

Превземањето на успешна фабрика за мене беше голем предизвик. Не може да се каже дека се работи за промена на стратегијата, туку повеќе би го нарекла усовршување и надоградување на стратегијата. Тоа се обидуваме да го постигнеме преку неколку алатки како што се поголема отвореност кон останатите пазари кои до сега не беа покриени, поголема активност во делот на продажбата, поагресивен маркетиншки пристап, додадена вредност на нашите производи, презентација на нашите можности и капацитети, форсирање и истакнување на нашите компаративни предности во однос на конкурецијата.

Овие промени кои ги воведуваме во начинот на нашето работење доведуваат до промена на нашата перцепција кај крајните конзументи. Преку инвестиците во брендот што ги имавме во последните неколку години и инвестициите што ги планираме во преиодот што следи ние го добиваме посакуваното место што го имаме на пазарот. Нашите лојални купувачи тоа го препознаваат и врската помеѓу нас уште посилна.


Европа е меѓу најголемите македонски извозници на кондиторски производи. Со какви извозни резултати планирате да ја завршите годинава?

Оваа година за нас беше година на многу предизвици. Нашето работење и ангажман во претходниот период резултираше со отворање на нови пазари. Како нови пазари од регионот каде имаме успешен пробив на нашите производи би ги истакнала романскиот и грчкиот пазар.

Исто така морам да истакнам дека продолживме и направивме нови успешни проекти со нашите деловни партнери во Словенија, Црна Гора, Белгија, Шпанија, Италија.
Секако дел од нашиот фокус се и пазарите од блискиот и далечниот исток и нашите традиционални пазари во САД и Австралија каде бележиме раст во продажбата.


Колкав дел од приходите од продажба на Европа се остваруваат од извоз? Кои се најголемите извозни пазари на Европа? Кои производи на Европа најдобро поминуваат на странските пазари и каде има најголем потенцијал за зголемување на извозот?

Во услови на ограничен домашен пазар, а со капацитети многи поголеми од потребите, извозот е наша стратешка определба и учествува околу 60% во нашата продажба. Нашите најголеми продажби ги остваруваме со нашите долгогодишни партнери од регионот на Југоисточна Европа каде сме присутни долги години наназад.
Производите на “Европа” се веќе препознатлив бренд во регионот, прифатени од сите генерации потрошувачи.

Секој пазар си има свои специфики и навики на купувачите, така да на некои пазари сме препознатливи по локум и пралине, на други пазари по бонбони и карамели, на трети пазари сме најппознати со нашите вафли и чоколада…

Секако најпрепознатливи и најпознати сме со нашиот производ Крем Банана на кој ги истакнавме нашти предности дека е без глутен и без желатин, со природни ароми и бои, прелиен со темна чоколада со 53% какао.


Кои се најголемите предизвици со кои при извозот се соочуваат “Европа” и кондиторската индустрија?

Конкуренцијата во регионот и светот е огромна. Тоа е и нашиот најголем предизвик, да се натпреваруваме со поголеми, помоќни и поуспешни од нас.
Во ова наше натпреварување многу учиме, стануваме пософистицирани и поотпорни на надворешни удари и влијанија и попатно го унапредуваме работењето во сите сегменти, следејќи ги брзите промени кои ги диктира пазарот.


Кои се очекувањата и плановите за новата 2020 година? Кои ќе бидат носечките столбови на вашата извозна стратегија на среден план? Планирате ли влез на нови пазари?

Во 2020 година планираме раст во делот на извозот. Основата за овој раст ќе биде создавање на нови проекти и нови производи со нашите партнери од регионот. Некои идеи веќе се пред реализација и ќе се финишираат на почетокот на годинава. Исто така, размислуваме за нови пазари каде имаме можности и капацитети за влез и освојување на истите, а доста интересни  земји ни се Шведска, Германија, Италија и др. Каде, помеѓу останатото, ќе го насочиме нашиот фокус во 2020 година.

Кои мерки и политики од страна на државата би можеле да ви помогнат во зголемување на извозот?

Како мерки од државата кои би ни помогнале во нашето работење и кои ги сметаме за соодветни се помош и стимулации за учество на меѓународни саеми, склучување на договори за намалување на ограничувањата во трговијата, отстранување на трговските бариери, заштита на домашните производители од нелојална конкуренција, олеснување на издавањето на сертификати и анализи од државните органи.

Генерално сметаме дека државата треба да го стимулира домашното производство и да им нуди поддршка на македонските производители како би можеле да се борат со странските гиганти рамо до рамо и заеднички да се работи на промовирање на трендот за купување на домашен квалитетен производ како прв избор.

“Европа” е првата компанија која лани го доби статусот на Овластен економски оператор? Што значи ова за компанијата и како го олеснува извозот и трговијата?

Со статусот ОЕО се стекнавме на почетокот на 2019 година и сме многу горди со тоа што сме првата македонска компанија што го поседува овој статус. Царинската управа сега е наш пратнер во работењето и со нивна помош и насоките што ни ги даваа станавме поуспешни во делот на безбедност и сигурност во меѓународниот ланец на трговија.
Сега треба да следи период на меѓусебно признавање на регионално и меѓудржавно ниво со што нашите производи слободно ќе се движат без задржување на границите.

Колку сте задоволни од поддршката која Европа како извозник ја добива и ја користи од македонските банкарски и финансиски институции? Дали користите некакви услуги од Македонската банка за поддршка на развојот и колку сте задоволни од нивните услуги?

Соработката и подршката од македонските банкарски и финансиски институции е на солидно ниво, што подразбира достапност, поволност и ефикасност во користењето на нивните услуги. Во 2019 година имавме успешна соработка и со ЕБОР (ЕБРД) за добивање на консултантски услуги за унапредување и усовршување на брендот “ЕВРОПА”, освојување нови пазари и финансиска поддршка за софтверско решение за евиденција на човечки ресурси.


Ако треба да споделите неколку најважни совети со други компании кои извезуваат или се обидуваат да извезуваат, за тоа што е најважно за успех во извозот и освојување на нови пазари, кои би биле тие?

Совет од наша страна е тоа дека треба секојдневно да се усовршуваат во своето работење, да инвестираат во опрема и во обуки на вработените, бидејќи само така може да се оди напред и да се освојуваат нови пазари.

Секако, многу значајно е да имаат учество на меѓународни саеми каде што има купувачи од целиот свет. Ако првите неколку пати не успеат да најдат купувач, да бидат упорни и да не се откажуваат.(Извоз.мк)