Според оценката на менаџерите, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во Република Македонија во септември 2016 година е за 0.6 процентни поени зголемен во однос на претходниот месец, а во однос на септември 2015 година е зголемен за 5.5 процентни поени.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во септември 2016, во однос на август 2016 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се речиси на исто ниво како во претходниот месец, а залихите на готовите производи сe намалени.
Оценката за економската состојба на деловните субјекти во септември 2016 година е поповолна во споредба со претходниот месец, а многу поповолна во однос на септември 2015 година. Оценката за бројот на вработените е дека ќе се зголеми.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во септември 2016 година изнесува 65.6% од нормалното искористување.
Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 21.2%, недоволната домашна побарувачка со 18.9% и недостигот на квалификувана работна сила со 15.0%.(Државен завод за статистика)