Според оценката на менаџерите на компаниите, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во ноември 2017 година е за 0.3 процентни поени повисок во однос на претходниот месец, а во однос на ноември 2016 година е зголемен за 1.6 процентни поени.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во ноември 2017, во однос на октомври 2017 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи сe непроменети во однос на октомври 2017 година.
Оценката за економската состојба на деловните субјекти во ноември 2017 година е поповолна во однос на претходниот месец, а поповолна и во однос на ноември 2016 година. Се очекува бројот на вработени незначително да порасне.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во ноември 2017 година изнесува 66.6% од нормалното искористување.
Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на прозводството имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 21.0%, недостигот на квалификувана работна сила со 20.3%, недоволната домашна побарувачка со 18.4% и неизвесното економско опкружување со 11.6%.(Државен завод за статистика)