Наспроти корпорациски џинови како ИКЕА, Мекдоналдс и Најк, диспропорционално многу германски компании одлучиле да ги бојкотираат санкциите против Русија и да продолжат со своето функционирање во моментално најсанкционираната држава на светот.

Од анкетирани две-третини од членките на Руско-германската трговска комора (само германските членки на комората) само нешто над 4% изјавиле дека целосно го напуштаат рускиот пазар, додека остатокот планираат да останат таму.

Русија е посебно важен пазар за Германија, па пред војната имало околу 3.000 германски компании регистрирани во Русија (вклучително и компании кои не се членки на комората), што е 10 пати повеќе од која било друга членка на ЕУ.

Од комората изјавиле дека од 24 февруари дури и имаат примено 54 нови членки, додека 20 ја имаат напуштено асоцијацијата.

Германските процени се дека на тие што излегле од Русија ќе им требаат години за да се вратат назад на рускиот пазар.

-Брзо враќање во Русија не се очекува. Ако целосно излезеш од рускиот пазар, тогаш ќе биде многу тешко да се вратиш назад, –  изјавил извршниот директор на Источниот комитет на германската економија, Михаел Хармс.

Германските медиуми сакаат да знаете дека Јапонците се уште помалку подготвени за напуштање на Русија, па само околу 3% од нивните компании изјавиле дека ќе го запрат бизнисот во Русија.