М-р Дејан Бешлиев, претседател на Македонско-руската стопанска комора даде интервју за неделникот „Фокус“.Интервјуто го пренесуваме во целост

*По воената интервенција на Русија врз Украина, Европската Унија и Западот ги засилија санкциите кон Руската Федерација, додека кон нив се придружи и Македонија. Кои санкции најмногу се одразија врз економските и трговските односи меѓу Македонија и Русија?

 Република Северна Македонија се придружи на санкциите од страна, пред се, на ЕУ, САД и останатите земји од регионот и светот. Притоа, покрај новите санкции воведени по 24 февруари 2022  нашата земја ректоактивно се придружи и на санкциите воведени 2014 година.

Воведувањето на било какви санкции несомнено се рак-рана за меѓународната трговијата, за странските инвестиции, за целокупната соработката на компаниите  и воопшто за економската релации меѓу земјите. Досега кон Руската Федерација се воведени дури 11.000 разни санкции!

Економските санкциите воведени кон Руската Федерација во овој момент несомнено имаат свое влијание врз економијата на нашата земја. Директно таа штета и не е премногу голема со оглед на ниското ниво на трговија меѓу компаниите од двете земји, кои со години се задржа на бројката од околу 200 милиони долари меѓусебна размена на годишно ниво.Далеку пострашни  се индиректните штети, заради драстичните поскапувања на енергијата, храната, суровините… а имајќи предвид дека нашата економија е силно извозно зависна.

 Подетално ако се навлезе, проблеми ќе имаат македонските компании кои увезуваат одредени стоки од Русија, а кои се значајни за нивните проиводни процеси.Тоа се однесува,  на пример,  на вештачкото ѓубриво, стаклото и други производи, кои сега ќе треба да се набавуваат од други пазари и по повисоки цени.

  Во извозот,  кој засега се одвива без ограничувања од руска страна, голем товар претставуваат разните забрани за преминување преку одредени територии и посебно – енормно зголемените трошоци за превоз на стоката.

Воведените забрани за авиосообраќај, предизвика речиси запирање на движењето на луѓето меѓу двете земји, како на бизнисмените, така и туристите, а најупорните мора да плажќаат исклучително скапи авио-билети.Ева, на пример, после дого време и големи залагања беше воспоставена директна авионска врска на Скопје со Москва и Санкт Петербург, и само по неколку месеци целиот проект беше прекинат заради почетокот на конфликтот.

 Долгорочно сето ова ќе остави значајни последици за македонските компании, ако се знае дека ништо не може да ги замени директните меѓусебните контакти на деловните луѓе, како и настапите на саемските манифестации во Руската Федерација.

Македонско-руската стопанска комора имаше значајни и блиски контакти со Стопанската комора на Руската Федерација, со коморите во одредени внатрешни региони, се работи за долго негувани врски кои сега ќе стивнат. За нивна ревитализација ќе треба долго време и многу напори.

*Какви се вашите очекувања во однос на трговската размена меѓу двете земји? До војната во Украина, таа имаше нагорен тренд, па дали очекувате во следниот период размената да расте или да опаѓа? И од што зависи тоа?

Веќе со месеци продолжува да се одржува високата вредност на размената меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација.  До крајот на јули таа е за два ипол пати поголема отколку во истиот период од минатата година.Во овој период Русија е тринаесетти трговски партнер на земјава, пред, на пример, Словенија, Холандија, Чешката Република, САД…

За седум месеци од годинава вкупната размена меѓу двете земји достигна сума од 245,8 милиони САД долари (лани во истиот период 99,5 милиони САД долари), што е пораст од дури 247,2 отсто.

Меѓутоа, во овој период македонските компании на рускиот пазар пласирале вредносно за 2 милиони евра  помалку стока отколку во истиот период лани  –  32,9 милиони САД долари (лани 34,8 милиони САД долари), што е опаѓање за 5,7 отсто.Затоа, пак, увозот од оваа земја бележи исклучително висок пораст. За седум месеци од оваа земја е купена стока во вредност од 212,9 милиони САД долари (лани во истиот период 64,5 отсто), што е скок од дури 329,8 отсто.

Речиси е невозможно да се предвиди како натаму ќе се одвива трговијата меѓу компаниите од двете земји.Тоа првенствено зависи од тоа до кога ќе трае воениот конфликт и какви се уште санкции ќе се превземаат и за жал на тоа засега нема одговор.

*Главно, земјава во Русија извезува земјоделски и фармацевтски производи, а увезува енергенси – гас и нафта, како и метали, ѓубрива… По конфликтот, Русија има помал пласман на енергенси, но ги зголеми приходите поради повисоките цени, што се чувствува насекаде, вклучително и кај нас. Дали постои неизвесност за снабдување со потребните енергенси или пак проблемот е само во високата цена на чинење?

 Движењата на цените на  енергенсите имаат огромно  влијание во светската економија. Токму поскапувањето на енергијата придонесе и за значително покачување на трговскиот дефицит на Република Северна Македонија во размената со Руската Федерација,  кој достигна сума од 180 милиони САД долари само за седум месеци.

Важен елемент, секако, е снабдувањето со енергенсите. Во услови на постојано воведување на ограничувања од сите страни, малите земји како нашата се во исклучително тешка состојба. Од една страна,  членки сме на НАТО и кандидат – членка за влез во ЕУ, а од друга страна нема соодветна инфраструктура и поддршка за супституција на начин за добивање на потребните енергенси. Ваквата состојба  на крајот ќе се одрази за што сме веќе сведоци – на сите, при што бизнисите се најзагрозени, а граѓаните на крајот ќе го платат и најголемиот цех  – и за сигурноста на своето работно место, за секојдневните поскапувања на пазарот и на големата цена за греење зимава.

*Како овие санкции влијаат врз македонските компании кои дел од своите производи ги пласираат на рускиот пазар и кои бизнис-гранки се најмногу погодени? Кои сектори најмногу настрадаа од санциите и за какви штети станува збор?

Засега санкциите ги погодуваат нашите компании во однос на увозната компонента. Имено, нам ни се неопходни одредени производи, кои беа со достапни цени од Руската Федерација. Штети трпат туризмот, преработувачка индустрија, земјоделство …

  Руската Федерација сеуште не воведе санкции кон Република Северна Македонија и не го сопре пласманот на македонските производи на овој голем пазар. Нашите компании во Русија не извезуваат производи и услуги кои се на листата на забранети производи за извоз во оваа земја согласно воведените санкции ( например: ИТ- технологии, софтвери и сл.).Токму затоа и нашиот извоз за седум месеци има релативно мал вредносен пад.  

*Какви и колкави беа последиците за руските компании што функционираат во Македонија, односно дали санкциите ги опфатија и фирмите со руски капитал, и ако е така – што значи тоа за овие правни субјекти? Или, пак, руските фирми се третираат како и сите странски фирми, кои имаат регистрирани правно лица во земјава?

Сите  компании со руски капитал што работат во земјава се регистрирани како македонски правни лица. Нивниот третман е ист како и за другите компании со странски капитал.

*Во овој период, руски компании или државјани отворија над илјада компании и претприемништва во Србија, како и уште толку во Црна Гора? Кои се причините за ваквата преселба на рускиот бизнис на Балканот? Ако за Србија резонот е да се избегнат санкциите, тогаш кои се причините за наплив на руски компании во Црна Гора, која се придружи кон санкциите?

Нам не ни е позната точната бројка на отворени компании со основен руски капитал во Србија и во Црна Гора. Но, во основа  лесно е да се препознаат причините за ваквата појава. Република Србија се смета  за пријателска земја на Руската Федерација и таа се уште нема воведено санкции за оваа земја. Што се однесува на Црна Гора да не заборавиме дека голем број на руски државјани имаат свој имот и претпоставувам државјанство на таа земја, што им овозможува полесно отварање на компанија и преселба на својот бизнис. Но, ова не е ништо непознато, и во првиот бран на санкции во 2014 година, огромен број на западни компании ги преселија своите бизниси од Руската Федерација во Белорусија и Полска со цел да ги одржат контактите и пазарите до кои стигнале со макотрпна работа и вложен труд.

Бизнисот секогаш се обидува да го најде својот пат, без разлика на условите во кои е приморан да делува. За ислустрација сакам да напоменам неколку примери со факти. Максималното намалување на испораките во Русија од западните земји имало во април и мај, а сега има закрепнување на извозот. Имено, шест земји од ЕУ до јуни го вратија извозот и увозот со Русија на нивото од февруари оваа година. Меѓу нив се Бугарија, Словенија, Хрватска, Кипар, Луксембург и Естонија.

На пример, во споредба со февруари, извозот од Летонија е зголемен за 67%, Естонија 19%, Словенија 37%, Хрватска 28%, Бугарија 25%, Кипар 12% и Луксембург  7%.

Увозот на стоки од Руската Федерација бележи пораст во десет европски земји: Словенија за 4,4 пати, Хрватска за 2,7 пати и Чешка за 2 пати. И други земји бележат пораст со помали проценти од погоре споменатите:  Малта  за 88%, Шпанија  46%, Белгија   39%, Луксембург  22%, Кипар  13%, Естонија 11% и Бугарија за  10%.Ова потврдува дека бизнисот е глобализиран и било кое изместување предизвикува тешки последици, па деловните луѓе се снаоѓаат на најразлични начини.

*Далеку помал е бројот на руски компании во Македонија, без оглед дали тие се регистрирани директно преку руски субјекти компании и државјани или преку трети земји. Сепак, овој број не е ниту незначителен, а фирми со руски капитал се отвораат и во периодот после интервенцијата во Украина. Што најмногу ги привлекува руските бизнисмени во земјава и во кои сектори тие претежно делуваат?

Руските компании во Македонија се во мал број, пред се, поради традиционалната перцепција за малиот пазар на кој можат да делуваат. Сепак, бројот на компании со руски капитал во земјава е незначителен во однос на регионот. Несомнено, руските бизнисмени  ја гледаат можноста за работа во Република Северна Македонија заради блискоста на европските пазари и нивната лесна достапност.  Во овој момент во Комората немаме сознание за отварање на руски фирми, како во случајот на Србија и Црна Гора, како и за делокругот на сектори во кои би работеле.