Надминати се сите проблеми за извоз на праските во Русија, а досега на пазарот во оваа држава извезени се помеѓу 1.500 и 2.000 тони праски.

-Откупот на праски тече без никакви проблеми,  откако во изминатиот период земјоделците го фрлаа својот род, – вели  Трајан Димковски,  минстер за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата  на Република Северна Македонија. – Пазарот се повеќе станува пребирлив. Асортиманот на праската кај нас е познат. Знаеме дека првата берба, односно првите сорти кои што доаѓаат индустријата не ги сака зашто не се двојат од коска и тешко може да се преработат. Така што, сите овие околности треба да се следат и оној кој има добар квалитет нема никаков проблем со пласман на праската.

Трајан Димковски,  заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и директорот на Платежна агенција, Николче Бабовски го посетија откупниот центар за овошје и зеленчук „Ником“ во Градско (19.7.2019 година).

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека македонските земјоделци својот род го продаваат по најниска цена зашто во земјава има многу малку откупни центри за ладење на зеленчук и овошје. Според него, државата во иднина мора да вложува и во преработувачки центри.

-Не да се продаваат производите свежи и разладени, туку да се направат и преработувачки центри за што веќе и во Законот за финансиска поддршка ги вклучивме како област што сакаме да ја поддржиме во следната година. Интензивно разговараме со големи центри и ланци на снабдување од развиените земји за да ги охрабриме да дојдат и да направат производни капацитети, рече вицепремиерот за економски прашања,  – додава Кочо Анѓушев.