Одговорната мисија која донаторскиот хепенинг ја негува веќе деветта година по ред, прерасна во вистински празник за членовите на големото семејство на ,,Алкалоид”, членка на Македонско-руската стопанска комора. Годинава, над 3000 присутни на овој настан оставија личен придонес во кревање на свесноста за значењето на чиста и здрава животна околина.

На годинешниов хепенинг спроведен под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ чиј основач е „Алкалоид“, собрани се над 1.120.000 денари. Собраните средства ќе бидат донирани на здружението на граѓани „О2“ – иницијатива за заштита и одбрана на природата и обезбедување на чиста и здрава животна околина.

– Особено сум горд што традицијата на донирање и помагање на заедницата во која сите ние живееме и функционираме продолжува веќе деветта година по ред и станува сѐ помасовна. Кога се решаваше прашањето за намената на овогодинешната донација, кај сите консултирани веднаш добивавме акламација истата да биде наменета за борба против загадувањето. Навистина ми е драго што вработените во компанијата, нивните семејства и пријатели денес даваат мал но значаен придонес за кревање на свесноста за сериозноста на оваа појава. Проблемот со загадувањето на животната околина е горлива тема која непосредно нѐ засега сите нас! Ако чистата животна околина значи ЗДРАВЈЕ и претставува колективна одговорност, тогаш верувам дека нашиот партнер на овој настан, граѓанската иницијатива ‘О2’ е легитимно избран и дека денешната донација ќе ја искористи за една навистина благородна цел: подобрување на квалитетот на животна околина, а со тоа и квалитетот на животот воопшто! – истакна Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

Претставничката и еден од основачите на иницијативата „О2“,  Ели Пешева, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ е доказ дека работите се придвижуваат во позитивна насока и во пракса, а не само теоретски.

– Имаме проблем со загаден воздух, вода, почви, нема сегмент кој е чист, здрав и безбеден за граѓаните, пред сѐ за децата. Како активисти-волонтери, ние се трудиме да работиме на подигнувањето на јавната свест, но и да ги мотивираме и поттикнеме одговорните институции, сериозно да ги третираат последиците од загадувањето, за нас веќе карактеристично во текот на целата година, а не само за време на зимскиот период. Благодарение на поддршката од „Алкалоид“ веруваме дека и на терен ќе можеме да покажеме дека со добро осмислени проекти и акции, секој од нас може да биде и корисен и одговорен кон животната средина. Заедно да бидеме пример и поттик за нашите сограѓани и секако, за новите генерации кои доаѓаат – рече Пешева.

Здружението „О2“ е иницијатива која се залага за чист воздух, почва, вода, без индустриски црни точки, диви депонии, но со чисти реки и комплетно сочувана и заштитена природа. Примарна цел на здружението е да се спротивстави на секое искористување и уништување на природата, секогаш барајќи практични, одговорни решенија кои се во тек со времето во кое живееме, притоа застапувајќи ги правата на сите граѓани за квалитетен живот во чиста и здрава средина.