Со летот што треба да пристигне денес (21.09.2021 година) во 13:35 часот на Меѓународниот аеродром Скопје, руската авиокомпанија „Нордвинд Ерлајнс” ја стартува новата авиолинија Санкт Петербург – Скопје.

Како што соопшти компанијата, како што наведува МИА,  летовите ќе се одвиваат еднаш неделно, секој вторник.

На 4 јуни годинава „Нордвинд Ерлајнс” почна со директни летови Москва – Скопје кои наскоро, според најавите, ќе се одвиваат трипати неделно – во понеделник, среда и петок.

Генерален продажен агент на „Нордвинд ерлајнс“ за територијата на цела Република Северна Македонија е реномираната туристичката агенција „Атлас плус“.

„Нордвинд ерлајнс” е една од најдобрите седум руски авиокомпании. Нуди летови во повеќе од 200 дестинации, врши превоз од 95 градови во 20 земји и има над 650 летови неделно. Околу 150.000 патници ги користат нејзините услуги секоја недела. Во 2019 година, пред Ковид-пандемијата, „Нордвинд ерлајнс” транспортирала скоро осум милиони патници. Авиокомпанијата оперира со 33 авиони „Ербас” и „Боинг”.