Група руски научници направи нов полупроводник без да користи олово. Тој може да се примени во соларни батерии со цел да се зголеми нивната ефикасност. Ова во понеделникот го соопшти информативната служба на институцијата која меѓу другите учествува во истражувањата на Институтот за наука и технологија во Сколково (Сколтех).
„Соработката на истражувачите од Сколтех, Институтот за неорганска хемија „Николаев“ во Сибирското одделение на Руската академија на науки (СО РАН) и Институтот за проблеми на хемиската физика на РАН резултираше со создавање перспективен полупроводник без олово, врз основа на сложени халиди на антимон и бизмут, погоден за примена во соларни батерии. Резултатите од истражувањето беа објавени во Journal of Materials Chemistry, каде што се најавени и на насловната страница“, се вели во соопштението.
Денес постои голем интерес за соларните батерии базирани на сложени халиди на олово, т.е. соединенија на олово со елементите од 17. Група на од периодниот систем на елементи на Менделеев (флуор, хлор, бром или јод) со структура која потсетува на кубичната кристална структура на минералот перовскит. Таквите батерии се доста евтини, едноставно се прават и многу ефикасно ја трансформираат светлината.
Меѓутоа, два фактори денес го ограничуваат масовното производство на перовскитните батерии и нивната поширока примена. Тоа се ниската стабилност на сложените халиди на оловото и токсичноста на тие соединенија. Поради тоа во целиот свет интензивно се работи на алтернативни материјали без олово, меѓу другото, и на материјалот добиен врз основа на халидите на бизмут и антимон. Сепак, сите претходно добиени примероци имаа низок показател на трансформација на светлината. Сега тим руски научници докажа дека причината за тоа било неоптималното градење на соединенијата на бизмут и антимон.
„Дојдовме до сознание дека малите димензии на решетките на анјоните на таквите соединенија (нула, понекогаш 1D и исклучително ретко 2D) не овозможуваат непречен транспорт на шуплините и електроните кој е неопходен за ефикасна работа на соларните елементи. Така материјалите од оваа класа можат да демонстрираат ефикасно функционирање во бочните фотодетектори, но не работат во соларните елементи“, рече Павел Трошин, професор на Центарот за енергетски истражувања, а неговите зборови се наведуваат во соопштението.
Физичарите направија принципиелно нов материјал за соларни батерии врз основа на сложен антимон трибромид сличен на перовскитот (ASbBr6, каде што А е органски позитивно наелектризиран јон). Соларните батерии направени врз основа на овој материјал покажаа рекорден коефициент на корисно дејство на трансформација на светлината кога станува збор за халиди на антимон и бизмут. Според зборовите на Трошинов, овој труд отвора принципиелно нови можности за развој на перовскитната електроника.(Руска реч)