На располагање се нови средства за кофинансирање на веќе набавени пчелини матици и педигрирани чистокрвни или хибридни свињи. Сите сточари кои во период од 1 октоври до 31 декември лани набавиле пчелини матици од одобрени одгледувалишта и педигрирани чистокрвни хибридни свињи ќе може да поднесат барање за добивање на финансиска поддршка преку Мерката „121 Инвестиции во модернизација на земјоделски стопанства“ од Програмата за Рурален развој.

Како што соопшти денеска Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, право на аплицирање имаат сите земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, (ЕРЗС) во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој.

Финансиската поддршка за набавка на пчелини матици е до 600.000 денари по корисник, додека за набавка на педигрирани чистокрвни или хибридни свињи финансиската поддршка е до 6.500.000 денари по корисник.

За Мерка 121, финансиската поддршка се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 проценти од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции.

Ставката за кофинансирање се зголемува во случаите кога се работи за инвестиции на земјоделско стопанство чиј носител е млад земјоделец до 55 проценти, за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство до 60 проценти, за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство кога носителот на инвестицијата е млад земјоделец 65 проценти, а за инвестиции во недостапни рурални заедници 75 проценти.

Барањата се поднесуваат електронски по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk.Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања за користење на поддршка по различни мерки, земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година.

Корисниците на средства треба да ги имаат намирено сите финансиски обврски кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и финансиските обврски кон Јaвното претпријатие за стопанисување со пасишта и воден надоместок кон водостопанските претпријатија.